На Слави Трифунов му пречи што Бугарија помага при пожарите во Mакедонија

Лидерот на бугарската партија Има таков народ, Слави Трифонов, не разбира зошто бугарската држава во овој момент и помага на Македонија за да се справи со огромниот број пожари, бидејќи и во Бугарија има многу пожари. Трифонов е огорчен на службената влада што презела ваков чекор – да испрати 25 пожарникари и три противпожарни возила за гаснењето на пожарите во Делчевско и Пехчевско, кои се закануваат и да ја преминат границата.

Трифонов ова го објави на Фејсбук во четвртокот вечерта кога речиси сите пожари во Бугарија беа ставени под контрола.

„Ситуацијата со пожарите на Балканот е крајно комплицирана. Прекрасно е да се има добри соседи кои можат да одговорат на помош кога е потребно. Прекрасно е да се биде солидарен, да се биде добар и да помагаш. Но јас не мислам дека кога гори вашата куќа и куќата на соседот во исто време, треба да одите да ја изгасите куќата на соседот.

Одлично е што и помагаме на Северна Македонија и тоа е правилно, но каде води ова? Во нашата земја нема доволно пожарникари и вработените во шумите треба да се справат со пожарите“, напиша Трифонов.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски побара пожарникарска помош од неговиот колега Румен Радев на 2 август, а бугарскиот претседател и службената влада одговорија позитивно наредниот ден. Откако беше донесена оваа одлука избувнаа два големи пожари во Бугарија во кои имаше и две жртви. Во Македонија пристигна голема помош од Словенија во пожарни возила и 45 пожарникари, а од Србија дојдоа четири хеликоптери кои помагаат во гаснењето на пожарите. Од ЕУ најавија дека ќе испратат дополнителна помош во Македонија.