На Скопскиот аеродром слета првиот авион на релацијата Киев-Скопје-Киев


На Скопскиот аеродром денеска слета првиот авион на украинската авиокомпанија „WINDROSE“ со кој е воспоставена новата директна авиолинија на релација Киев – Скопје – Киев, што ќе се реализира секој четврток и недела.

Билетите за летот до и од аеродромот Бориспиљ на релацијата од Киев до Скопје и обратно веќе може да се купат на веб-страницата на „WINDROSE“, а летовите ќе се извршуваат со авионите Embraer-145 и ATR72-600.

Метин Батак, генералниот директор на ТАВ Македонија, порача дека денешниот прв лет меѓу Киев и Скопје не е само првиот позитивен чекор кон закрепнувањето на македонскиот авиосообраќај во време  на пандемијата предизвикана од Ковид-19, туку претставува историски успех и достигнување за македонското воздухопловство.

-Иако авијацијата на глобално ниво претпрпува огромна криза македонскиот пазар сепак денес е победник, а ние сме благодарни на „WINDROSE“ за нивната одлука. Се надеваме дека Киев како нова дестинација ќе биде атрактивен за патниците од Северна Македонија и од соседните држави и дека ќе ја искористат можноста за посета на овој прекрасен град што се протега долж реката Дњепар и да го видат богатството на култура и историја. Од друга страна се надемае дека  украинските граѓани ќе имаат можност да ги откријат убавините и културното наследство на Севрна Македонија, рече Батак.

Тој нагласи дека воведувањето на новата линија ќе има позитивен ефект врз македонската економија и туризмот, а ќе ги зајакне и бизнис врските меѓу двете земји.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски порача дека денеска почнува нова фаза во развојот на авиосообраќајот во земјава.

-Иако овој сектор е силно погоден од ковид кризата сепак успеваме онаму каде што државите ги олеснуваат протоколите за влез и излез да воспоставуваме нови или да ги одржиме постоечките авиолинии. Воспоставувањето на оваа линија е доказ за тоа и потврда на нашата добра соработка со Украина, рече Бочварски.

Тој и честита на компанијата „WINDROSE“, што, како што рече, токму во ова време на криза се одлучи Скопје да го стави на својата мапа на дестинации.

-Воспоставувањето на оваа линија веруваме дека е од огромно значење и за двете земји, бидејќи ќе се отворат бројни можности за унапредување на соработката во делот на економијата, туризмот, културата, инвестициите и другите области од заеднички интерес. Тоа се совпаѓа со определбите на Владата за обезбедување на услови за привлекување на странски инвестиции  во функција на развој на државата. Дополнително се отвораат бројни можности за домашните компании за проширување на сопствените бизниси и пласирање на производи на нови пазари, рече Бочварски.

Потсети дека во изминатите години домашните аеродроми бележеа рекорден број на превезени патници и најави дека во текот на овој месец ќе се воспостави нова линија  до Абу Даби преку авиокомпанијата „Визер“.

-За следната година од буетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени 69,5 милиони  денари за финансиска поддршка на нови авиолинии. Очекуваме дека земјите полека ќе ги ослободат мерките за заштита од Ковид-19, а ние постепено ќе го враќаме авиособраќајот на ниво на кое беше пред кризата, рече Бочварски.

Украинската амбасадорка Наталиjа Задорожњук посочи дека и покрај пандемијата во изминатата година има значително зголемување на билатералните односи меѓу двете земји.

-Украина и Северна Македонија имаат заеднички стратешки приоритети -членство во НАТО и ЕУ и заеднички европски вредности – атктивна и успешна соработка во рамките на меѓународните организации. Се поддржуваме едни со други и имаме позитивен нагорен тренд на економската сораобтка, рече Задорожњук и додаде дека минатата година има двојно зголемување на трговската размена.

Годинава, посочи, и покрај тешката состојба со Ковид-19 има повисока трговска размена во првите девет месеци во споредба со лани.

-Со денешниот лет од Киев пристигнаа и туристички оператори од Украниа. Имаме безвизен режим меѓу двете земји и сето тоа придонесува за значително продлабочување на пријателските билатерални односи, истакна Задорожњук.