На СЈО ќе му (пре)судат амандмани


Денеска, првпат по одморите, пратениците  ќе седнат во собраниските клупи. На дневен ред ќе го добијат законот за Обвинителство со кој се бара начин како да се продолжи иднината на Специјалното јавно обвинителство. Предлозите на владата засега не се прифатливи за опозицијата, чии гласови се неопходни при добивањето двотретинско мнозинство. Позициите на власта и на ВМРО-ДПМНЕ останаа непроменети и по вчерашната средба на работните групи од двете страни, кои што по двомесечна пауза, седнаа на заедничка маса во обид да најдат компромис за законот од кој што би можел да зависи октомврискиот датум за преговори за членство во ЕУ. Разговорите заглавија околу досегашните предмети што ги отвори СЈО, но договорено е забелешките на ВМРО-ДПМНЕ да бидат преточени во амандмани и тоа ќе се случи од четврток. Се очекува решение да биде донесено најдоцна до 15 септември до кога важи мандатот на Катица Јанева. Во спротивно, од владата најавија други опции, не кажувајќи кои, со цел да му дадат шанса на дијалогот.

Вчерашната средба во Собранието меѓу работните групи траеше околу два часа. Министерката за правда, Рената Дескоска отворено рече дека не бил постигнат напредок во разговорите. Според неа, останува клучната разлика, а тоа е статусот на предметите на СЈО. Власта, како што кажа, застапува став кој е преточен и во законот, дека СЈО треба да се спои со Обвинителството за организиран криминал и корупција, а почнатите предмети од специјалните обвинители да продолжат да се процесуираат.

Околу статусот на обвинителите од СЈО се предлага на тие на кои им завршува мандатот – тој да не се продолжува, но на оние на кои уште им трае да продолжат да работат. За вработените на неопределно време во СЈО е предвидено да нема законско прекинување на работниот однос. Истражителите, пак, треба да се префрлат во Обвинителството за организиран криминал или да одат во МВР.

Дескоска рече дека е договорено забелешките на ВМРО-ДПМНЕ да бидат поднесени како амандмани во текот на процедурата во Собранието. Таа изрази надеж дека сите пратенички групи ќе го поддржат донесувањето на законот, кој е важен за процесот на пристапување на земјата во ЕУ. Во меѓувреме, најави дека ќе работат на обезбедување на потребното собраниско мнозинство.

Прашана дали по „Рекет“ и притворањето на шефицата на СЈО Катица Јанева е нарушен кредибилитетот и на другите обвинители, министерката за правда одговори дека одговорноста е лична, а не колективна, а институцијата не треба да зависи од тоа кој ја раководи.

Пратеникот Антонио Милошоски кој ја предводи работната група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека на средбата се отвориле суштински прашања за кои постојат различни гледишта. Тој кажа дека се подготвени, врз основа на аргументи и меѓународни стандарди поврзани со Судот за човекови права во Стразбур, да предложат законски решенија за обвинителството каде нема да се прави компромис со правото на сметка на политиката. Таквото решение би требало да биде широко прифатено со политички консензус во Собранието, да биде долгорочно одржливо и применливо.

„Има волја кај двете страни да продолжи дијалогот за законот за обвинителство за да ги приближиме ставовите и да ги доставиме во заеднички предлог текст или преку амандман на текстот на Законот, кој е усогласен сега меѓу СДСМ и ДУИ“, изјави Милошоски.

Според неговата партија, не може мандатот на истражителите и обвинителите во СЈО да биде подолг од тој на Јанева, кој истекува за дваесетина дена.

Милошоски рече дека не било спорно оти предметите на СЈО треба да имаат судска разрешница бидејќи не зависат од личностите кои ги водат. ВМРО-ДПМНЕ предлага сите предмети, без оглед во која фаза се, да бидат распоредени во Основното обвинителство.

Најголемата опозициска партија се сомнева и дека Јанева имала соработници во СЈО, кои можеби се вмешани во „Рекет“, но оставаат тоа да го потврди истрагата на обвинителстото.

„Потребна е темелна истрага, затоа сметаме дека не би можело секој од СЈО да биде во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Наш впечаток е дека Вилма Русковска е важна за СДСМ“, оцени Милошоски.

Комисиската расправа во парламентот за законот за обвинителство е предвидена за четврток и тогаш се очекува опозицијата да ги достави амандманите.

Горан Адамовски