На сите под ознаката „С“ им се заканува протерување од државата


Францускиот претседател Емануел Макрон побара од префектурите да достават детални извештаи за радикалните поединци кои претставуваат закана за безбедноста.Според француската ТВ БФМ, Макрон бара државата да биде неумолива кон оние што носат омраза и терористички идеологии.

Францускиот претседател побара да се процени нивото на терористичка закана во Франција, три дена по убиството на наставникот во Арас за кое е обвинет млад човек по потекло од руската република Ингушетија,  кој е означен со „ С“ во регистарот на безбедносните служби,  што значи дека претставува закана за националната безбедност.Во сите француски департмани, префектите имаат задача да направат список на сите странци кои би можеле да бидат протерани од Франција врз основа на проценка на степенот на радикалната активност, нивниот потенцијал за „премин од зборови на дела“ и нивниот административен статус.

Ознаката „С“ (национална безбедност) е индикатор што го користат агенциите за спроведување на законот за да назначат лице за кое се смета дека претставува сериозна закана за националната безбедност. Тоа е највисоко ниво на вакво предупредување во Франција – дозволува следење, но не е основа за апсење. Макрон побарал од службите да посветат посебно внимание на оние со ознаката „С“ од територијата на Кавказ и на возраст од 16-25 години, особено поради профилот на Мухамед Могушков, убиецот на учителот во Арас.

Министерот за полиција Жералд Дарманен напомена дека француските власти ќе ги обноват разговорите со Русија со цел да организираат протерување на лицата наведени во досиејата на безбедносните служби под шифра „С“, кои беа суспендирани по почетокот на војната во Украина.