На Сицилија термометарот покажа 48,8 степени


Пожари му се закануваат на Палермо на Сицилија

Претопло беше крај Сиракуза на Сицилија. Ако вредноста биде и официјално потврдена тоа ќе биде највисоката температура измерена во Европа кога било

 

Беше точно 13:14 часот во средата попладне кога термометарот на метеоролошката станица во близина на сицилијанскиот град Сиракуза покажа 48,8 степени.

Секако, нормално е да е многу топло на Сицилија. Нормално е во август да биде повеќе од 40 степени. Но, речиси 50 степени?

„Тоа е рекорд што нас не загрижува“, рече градоначалникот на Сиракуза, Франческо Италија, за италијанскиот весник „Ла Република“. „Нашиот екосистем, еден од најбогатите и најскапоцените во Европа, е во голема опасност“.

48,8 степени – никогаш порано во Европа не била измерена повисока температура. Имаше 47,3 степени во 2017 година во близина на шпанскиот град Корбода, 48,0 степени беа измерени на 10 јули 1977 година на аеродромот во Атина, 48,5 степени на 10 август 1999 година на Сицилија, во близина на градот Ена, среде островот, меѓутоа, тоа беше приватна, а не официјална станица.

Така сега: 48,8 степени. Вредноста се уште не е официјално потврдена. Значи, се уште не е јасно дали вредноста во Сиракуза е всушност рекорд. Меѓутоа, она што е јасно е дека топлите бранови ова лето ќе имаат катастрофални ефекти. Не само на Сицилија. Во многу медитерански земји – во Грција, Турција, Италија, Алжир – во исто време беснеат големи шумски пожари.

Што се однесува до Италија, топлината најверојатно ќе продолжи и ќе се влоши во наредните денови. Министерството за здравство во Рим издаде највисоко ниво на предупредување за топлотни бранови за многу италијански градови за четврток и петок. Се вели дека е исклучително топло со температури од повеќе од 38 степени во главниот град Рим, во Бари на Јадранското Море и во Палермо на Сицилија. Дури и за Трст на крајниот североисток од Италија, метеоролозите очекуваат голема топлина. Оваа топлина, екстремната суша и силниот ветер во многу региони ги подгреваат шумските пожари повторно и повторно.