На штедачите на Еуростандард банка до сега им се исплатени 48,7 милиони евра


На штедачите на Еуростандард банка во стечај, за две недели им биле исплатени вкупно 3 милијарди денари, или околу 48,7 милиони евра, соопшти Фондот за осигурување депозити.

Тоа претставува речиси 72 отсто од вкупно дозначените средства од Фондот кон четирите деловни банки преку кои се врши исплата на обесштетување, велат од Фондот.

„По двонеделен период од почетокот на исплатата на обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка АД Скопје во стечај со право на обесштетување, исплатата се одвива одлично и без поголеми пречки во однос кон депонентите“, информираа од Фондот за осигурување на депозити. „Сето ова укажува дека исплатата на обесштетувањето се врши со релативно брза динамика и близу три четвртини од средствата на депонентите на Еуростандард банка АД Скопје во стечај со право на обесштетување, се обесштетени“, се додава во соопштението.

Обесштетувањето на наследниците според наследни решенија исто така се одвива непречено преку Фондот за осигурување на депозити. Наследниците ја доставуваат целокупната документација по електронски пат до Фондот, по што Фондот изготвува потврди за обесштетување на депоненти и врши директна исплата на наследниците од сметката на Фондот, велат од ФОД.