На северот на Ирак за два дена загинаа 12 турски војници


Вкупно 12 турски војници загинаа за два дена во одвоени напади врз турски воени бази во северен Ирак, соопшти денеска турското Министерство за одбрана.

„Нашите шест херојски другари беа убиени денеска во конфликт со терористите кои се обидоа да се инфилтрираат во нашата база“, се вели во соопштението на Министерството.

Турските власти претходно денеска објавија дека шест војници биле убиени во петокот вечерта во северен Ирак. Нападот им се припишува на членовите на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Анкара и многу западни земји ја сметаат за терористичка група.

Турските медиуми објавија дека турските воени бази, кои се напаѓани вчера и денеска, се наоѓаат во местата Хакурк и Зап во северен Ирак, каде што е автономната област Курдистан.

Турската војска редовно спроведува воени копнени и воздушни операции против борците на ПКК и нивните позиции во северен Ирак. За 25 години Турција постави неколку десетици воени бази во областа.

ПКК, во вооружена борба против турските власти од 1984 година, ја презеде одговорноста во октомври за нападот врз седиштето на турското Министерство за внатрешни работи во Анкара, во кој беа ранети двајца полицајци.