На седница на Влада ќе се решава за уписот во прво одделение


Децата што ги немаат примено сите вакцини според календарот за имунизација, а се на возраст за прво одделение, можат да бидат запишани во основно училиште, ама до септември да ги примат задолжителните вакцини. Ако до септември не ги примат, ќе се примени теренска вакцинација. Ова е еден од предлозите за кои ќе се разговара на седница на Влада, најави министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Министрите за образование, здравство и правда имале средба во неделата за да се изнајде решение околу уписот на првачиња, со цел да се испочитуваат законите и за образование и за здравство. До Министерството за образование стигнале забелешки на родители за забраната да се запишуваат оние деца што се невакцинирани, одлука што ја донесе Владата пред десетина дена поради епидемијата на морбили. Дали имало одбиени деца за упис во прво и доколку имало колку биле одбиени поради тоа што се невакцинирани, според Адеми ќе има податоци до крајот на месецот, кога завршуваат уписите за во основно образование.

„За уписот на првачиња кои не се вакцинирани ќе разговараме на седница на Влада бидејќи ситуацијата е сериозна и треба да ги запазиме двете уставни вредности. Според Уставот, основното образование е задолжително, но секако треба да го запазиме и јавното здравје. Така што со дополнителни консултации и со експерти и преку сериозен пристап околу сите аспекти на ова прашање ќе најдеме решение за проблемите со кои се соочуваме. Со прогласената епидемија и со ваквата ситуација и околности со кои сега се соочуваме, верувам дека ќе најдеме решение со кое овие проблеми ќе се надминат. Една од опциите што се разгледува е да се запишат учениците и во меѓувреме да се вакцинираат, односно на почетокот на септември да има теренска вакцинација за сите тие ученици што следат образовен процес, а се невакцинирани. Сепак, ќе речам дека треба да се разгледаат сите опции и најдоброто решение да биде преземено од наша страна како Влада и како институции“, подвлече Адеми.

 

Мултиетничноста ќе се засилува со музика

Надлежните од ресорот образование вчера се пофалија дека се изготвени нови наставни програми по предметот музичко образование за шесто, седмо, осмо и деветто одделение, кои се веќе усвоени. Околу дилемата зошто клучни за промена биле баш овие наставни програми, Адеми објасни дека тие ќе придонесуваат кон унапредување на концептот на мултикултурализам, запознавање и почитување на различностите.

„Секој ученик ќе ја изучува културата и традицијата во областа на музиката на својата заедница, но ќе има можност да ја изучува и музичката култура и традиција на сограѓаните од другите етнички заедници, преку слушање и обработка на песни и композиции, како и запознавање со инструментите и другите обележја на тие заедници. Имавме голем проблем со учебниците по предметот музичко. Поголем број училишта не работат по старите наставни програми бидејќи не ја рефлектираат реалноста, а и не можат песните од културата и традицијата на секоја заедница да бидат преведени. Нашите ученици не учеа по тие учебници, а имавме и случаи кога ги одбиваа учебниците што ги доставувавме до училиштата. Ќе продолжиме со постапките за обезбедување учебници за овие наставни програми за следна учебна година. Ќе одиме со печатење, а не преку откуп, така што ќе се финализира таа постапка и ќе се одреди компанија што ќе ги печати учебниците“, посочи Адеми.

Министерот најави дека наскоро на порталот ЕНЕР ќе биде објавен новиот предлог-закон за основно образование, по што граѓаните и наставниците ќе имаат можност да достават коментари за да се подобри текстот. Според него, не сакаат да екстерминираат со децата, поради што предлог-законот е подготвен според препораките на ОЕЦД кои изготвија извештај со сериозни забелешки за образовниот систем. За 22 мај закажана е дебата за состојбите во образованието, а Адеми очекува до новата учебна година да почне да се применува новиот закон.

„Формирав работна група во која се вклучени домашни и странски партнери за законот да биде подготвен според препораките на ОЕЦД. Откако ќе биде објавен на ЕНЕР, сите граѓани и наставниците ќе можат достават коментари за да се подобри текстот, а потоа ќе се разгледа на Влада, па ќе се достави до Собранието. Очекувам учебната година да ја започнеме со нов закон. Сепак, повеќе треба да бидеме загрижени за содржината на законот отколку дали е донесен или не. Има теми и прашања кои заслужуваат професионален пристап, и затоа цело време работевме на подготвување на квалитетен закон, со квалитетни решенија со кои ќе се подобро квалитетот на образованието“, додаде Адеми.

Периодов се подготвуваат и учебници по историја и географија за седмо, осмо и деветто одделение за кои има нови наставни програми уште од 2018 година, а нов концепт има и за предметот граѓанско образование.

Вероника Мароска-Леова