На СДСМ му требаат суштински реформи, а не козметичка промена: Интервју со Јован Деспотовски
В недела ќе имаме референдум за тоа дали сакаме Нов СДСМ или СДСМ кој си тера по старо. Убеден сум дека ќе победат членовите и партијата и покрај напорите на одредени структури да влијаат на исходот, вели Деспотовски
За Јован Деспотовски, еден од четирите кандидати за претседател на СДСМ, партиските избори в недела претставуваат референдум за тоа каква ќе биде партијата во иднина – дали ќе произлезе нов СДСМ или СДСМ кој си тера по старо. „Убеден сум дека тој ден ќе победат членовите и партијата и покрај напорите на одредени структури да влијаат на исходот“, вели Деспотовски во интервју за Независен. Тој е единствениот меѓу кандидатите кој зад себе веќе има една кандидатура за лидер на партијата, но тоа не го смета за хендикеп, туку напротив, за предност. Вели дека одговорноста секогаш има име и презиме, а успехот или неуспехот е мерлива категорија. „И по локалните избори во 2021 и сега, рековме дека сме ги слушнале пораките на луѓето ама по кој знае кој пат е јасно дека не сме ги разбрале“, вели тој и додава дека заедно со членовите ќе го креира новиот тим на СДСМ, а партијата повторно ќе биде силна, бидејќи, како што вели, силен СДСМ не им е потребен само на членовите, туку и на Македонија.
Господине Деспотовски, по втор пат се кандидирате за претседател на СДСМ, колку тоа е предност или можеби хендикеп во однос на другите тројца противкандидати?
Без двоумење го сметам за предност. Пред три години, свесно влегов во трката во сите знаеме какви околности, за да понудам суштински поинаква визија и јасно да кажам дека не се согласувам со патот по кој уште тогаш беше тргната нашата партија. Затоа денес, три години подоцна, со чист образ можам да застанам пред сите и да ја побарам поддршката од членството. И тогаш и сега велам, во трката влегувам до крај и без пазарење, а „мојот грб и фракција“ се членовите. И тогаш и сега велам дека мора да се расчисти со политиката на „сервирање готови решенија“, туку да им се врати моќта на членовите сами да изберат кој ќе ја предводи партијата. Тоа недвосмислено го бараат и луѓето секаде каде што одиме низ Македонија. Брутално искрени, не го кријат незадоволството од партиското раководство и бараат суштински реформи, а не козметичка промена. Време е да се каже доста. Бранот на промени е тргнат и нема запирање. На 30.06 ќе имаме референдум за тоа дали сакаме Нов СДСМ или СДСМ кој си тера по старо и убеден сум дека тој ден ќе победат членовите и партијата и покрај напорите на одредени структури да влијаат на исходот.
Каде ги лоцирате причините за лошите резултати на СДСМ на парламентарните и на претседателските избори. Од сегашна гледна точка е јасно дека не беа извлечени поуки од поразот на локалните избори. Во вашите јавни настапи повикувавте на конкретизирање на одговорноста. На што мислите – конкретни личности или конкретни политики?
СДСМ заборави на луѓето и нивните потреби и проблеми. Премногу се фокусираше на уставните амандмани и дискусиите со Бугарија, прашања кои директно не се однесуваат на секојдневните грижи на граѓаните и даночните обврзници. На крај, доминираа теми што „не плаќаат сметки и не ви носат храна на трпезата.“ И по локалните во 2021 и сега, рековме дека сме ги слушнале пораките на луѓето ама по кој знае кој пат е јасно дека не сме ги разбрале. И да, одговорноста секогаш има име и презиме, а успехот или неуспехот е мерлива категорија. Кога еден фудбалски тим губи, не ги отпуштате играчите, туку тренерот и управата.
Многу се зборува за прекинатиот конгрес на СДСМ на кој беше одложена најважната расправа – онаа за причините за изборниот пораз. Дали е тоа од формален карактер, како што велат високи партиски функционери во оставка, или станува збор за длабоки поделби внатре во партијата?
„Конгресот беше повик за будење за раководството. Време е да се признае дека членовите и симпатизерите не треба да се гледаат како гласачка машина, туку искрено да се слушаат и да се покажат конкретни постапки. Мора да престанеме да се преправаме дека сè во СДСМ е предодредено со Централната власт е во просторијата и не можеме повеќе да го игнорираме. На 30 јуни ќе имаме референдум за тоа дали ќе останеме исти или ќе одиме напред, не околу личност или програма“.
Фактот е следен – СДСМ не е ничија сопственост, СДСМ е на членовите кои периодов со срце и душа зборуваат и даваат идеи како да одиме напред. Затоа на 30.06 буквално ќе имаме референдум – остануваме по старо или одиме по ново. И тој референдум ќе биде успешен. Обединувањето што следи нема да биде околу човек или програма туку околу јасен став, принципи и нов почеток.
Вие повикувавте на јавна дебата на која јавноста ќе биде сведок, но другите тројца кандидати тоа го одбија. Кој ве бира вас – македонските граѓани или членството на СДСМ на внатрепартиски избори?
Не можам да се согласам со тезата дека изборите за претседател на СДСМ се само внатрепартиска работа. Не се! Затоа што СДСМ не е затворена партија. СДСМ не е пајтон партија со 20 члена. СДСМ во моментов е втора политичка сила во земјава и како таква ги одразува пошироките потреби и барања на македонските граѓани. Да, сега членството на партијата гласа, но мораме да запомниме дека нашите политики и лидерство влијаат на цела Македонија. Со залагање за јавни дебати имав една единствена цел, да настојувам да промовираме транспарентност и инклузивност, осигурувајќи дека нашите лидерски избори ќе бидат усогласени со интересите на јавноста и демократските вредности кои ги застапуваме.
Доколку членството Вам ви ја даде довербата дали во процесот на ревитализација на СДСМ ќе се потпрете на докажани кадри или на нови личности?
Кадровска обнова е првиот и клучен чекор што ќе го направиме по 30 јуни. Но, не јас сам, туку заедно со членовите ќе го креираме новиот тим на СДСМ. Не е флоскула туку основен принцип тоа што уште на почеток реков дека иднината се заснова на НИЕ, а не на ЈАС. Во новиот СДСМ секој глас ќе е ценет и важен и секој член ќе има улога во обликувањето на нашата иднина. Партијата има многу чесни и докажани кадри кои искрено ќе се вложат за успешно да ги спроведеме реформите кои ни претстојат. За секое клучно место ќе има предлози и членството самото ќе реши кој ќе ги претставува. Она што особено охрабрува е тоа што во кампањата ги мотивиравме луѓето и добивме над 200 предлози со кои силно ја дополнивме првичната програма. Оваа програма и предвидените промени по 30.06 ќе бидат интегрирани во идниот Статут на партијата за да не останат само убави желби на хартија. До крај на летото веќе ќе треба да ги избереме сите нови општински раководства и делегати и потоа да свикаме Конгрес на кој ќе се изгласа новиот Статут.
Во јавните настапи на кандидатите за лидер на СДСМ главно се зборува за формални аспекти од новото делување на партијата, но малку се кажува за тоа кон каде би оделе идните идеолошки насоки – повеќе кон центарот, повеќе кон лево или ќе се остане на сегашните платформи кои немаат јасна кохерентност?
Идниот идеолошки правец на СДСМ е критично прашање кое бара отворена дебата и креирање јасни ставови за клучни прашања. Нашата цел треба да биде да го редефинираме нашиот идеолошки став врз основа на актуелната социо-економска реалност и потребите на нашите граѓани. Дали ќе се префрлиме кон центар или лево, повторно ќе се утврди со сеопфатни дискусии внатре во партијата и луѓето. Ќе се договорат јасни ставови, особено за она што ги засега луѓето и државата, и за тоа како ќе се позиционираме како опозиција. Силен СДСМ, во моментов, како гласна и конструктивна опозиција не им е потребен само на членовите, туку и на Македонија.
Дали на СДСМ повеќе му недостасува обмислена и фундирана идеологија отколку да се повторуваат општи ставови за враќање на довербата на гласачите?
Да, недостигаше јасна и основана идеологија и ставови. Партијата ги менуваше ставовите од лево кон десно во зависност од дневнополитичките потреби без да се размислува за последиците. Новиот СДСМ се залага за вистински социјалдемократски решенија кои одговараат на потребите на луѓето, наместо лажни и популистички говори. Без доследност во вредностите и политиките, не можеме да очекуваме препознатливост и доверба од членството и сите граѓани. Обновата на нашето политичко влијание ќе ја темелиме на фундаменталните вредности: слобода, одбрана на човечкото достоинство, праведност, солидарност, инклузивност и еднаквост. Еднаквоста ја разбираме како еднаквост на сите граѓани и граѓанки во можностите за пристап до општествени добра – работа, остварување на социјалните, културните и политичките права, правото на здрава и чиста животна средина и еднаквост во правото на заштита од сите форми на дискриминација, право на избор и да се живее согласно сопствениот избор. Само така вистински ќе ја вратиме довербата на членството и гласачите.
Национализмот очигледно стана преовладувачка сила и во двата етнички кампуса во Македонија. Може ли СДСМ да изгради план да му парира со граѓански наратив на националистичкиот? Досегашниот не успеа. Или можеби размислувате дека некои сегменти од тој наратив би можеле да бидат дел од идната идеолошка и практична платформа?
Од суштинско значење е спротивставувањето на националистичкиот наратив со граѓански, демократски и инклузивен наратив. СДСМ мора да се залага за политики кои промовираат единство, еднаквост и социјална правда, нагласувајќи ги заедничките интереси и заедничките цели. Иако мораме да ги разбереме и почитуваме културните и етничките идентитети, нашата платформа се фокусира на градење кохезивно општество. Учејќи од грешките од минатото, треба да развиеме стратегии кои ќе ги интегрираат успешните елементи од претходните позитивни пракси, а притоа да ги решаваме детектираните недостатоци. Со поттикнување на дијалогот, промовирање на меѓусебното разбирање и спроведување на инклузивни политики, можеме да понудиме убедлива алтернатива на национализмот.