На руската армија и снемуваат и пари и муниција


Руската војска почна да има проблеми со финансирањето, тврди Одбранбеното разузнавање на Министерството за одбрана на Украина.

„ И покрај ветените исплати, руските воени единици имаат проблеми со финансирањето. Како што се испостави, исплаќањето на овие трошоци не било предвидено во буџетот. Поради незадоволителната состојба на финансискиот систем на Руската Федерација по воведените санкции, невозможно е да се најдат дополнителни средства за војниците во Украина“, тврдат од оваа служба.

Според одбранбеното разузнавање, во привремено окупираниот Крим, по исплатата на „патни надоместоци“ на оние кои учествувале во војната против Украина, во февруари целосно е исцрпена границата на средствата за воените единици. Нема средства за никакви исплати за март.

„Слична е ситуацијата и со исплаќањето на платениците од приватни воени компании. Меѓу нив се почести се случаите да одбиваат да одат во Украина поради неисполнување на условите од склучените договори. Милитантите не добиваат пари за учеството во воените дејствија, компензација за повредите и за ветените социјални гаранции“, објави одбранбеното разузнавање на Министерството за одбрана на Украина.

Пентагон, пак, оцени дека на Русија и снемува и муниција со прецизно наведување, која е скапа и тешко се наоѓа.  САД, исто така, проценуваат дека стапката на неуспешно испукување на боевите глави кај некои руски ракети е до 60 отсто.

„Форбс“ исто така објави дека украинската армија сега има 43 тенкови повеќе отколку на почетокот на војната, наспроти руските сили кои изгубиле добар дел од нив. Според овој извор,  од почетокот на руската инвазија на Украина руската армија изгубила 530 тенкови, додека вооружените сили на  Украина изгубиле 74, но заробиле 117 непријателски тенкови.