На Русија и снемува гробишта и крематориуми


На Русијае и снемува гробишта и крематориуми, изјави заменик-претседателката на Државната дума Светлана Разворотнева, откако Пентагон ја објави најновата проценка дека Москва претрпела повеќе од 600.000 воени жртви во војната во Украина.

Таа рече дека главниот проблем е што федералниот закон им дозволува само на општинските организации да се занимаваат со погребувањата, објави Комсомолскаја правда.

„Невозможно е да се формираат приватни гробишта, крематориуми или други погребални објекти, невозможно е да се привлечат капитал и инвестиции во оваа област, освен државни“, рече Разворотнева и додаде: „И навистина ни требаат гробишта“.

Разворотнева изјави дека законот донесен во 1996 година е застарен и повеќе не може да ги задоволи потребите на Русија.

„Денес потребата за крематориуми и гробишта е многу голема“, рече таа, додавајќи дека ова е особено сериозен проблем во Москва, Санкт Петербург и Екатеринбург, каде луѓето понекогаш се принудени да патуваат надвор од тие градови за да ги користат услугите за кремирање.

Забелешките на Разворотнева доаѓаат откако висок претставник на американското Министерство за одбрана изјави дека се верува дека Украина им нанела повеќе од 600.000 жртви на руските сили.

„Руските загуби, и во убиени и ранети, само во првата година од војната ги надминаа вкупните руски или советски загуби во кој било конфликт од Втората светска војна до денес“, рече претставникот во средата.

Септември беше месец со најголем број пријавени руски жртви откако претседателот Владимир Путин ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година, соопшти британското Министерство за одбрана.