На референдум да се одлучи што со брегот на Езерото Треска
Камперите, кои имаат поставено камп-куќички на брегот на езерото Треска во близина на Скопје, денеска на протест побараа граѓаните на главниот град, што пред години го изградиле комплексот, на референдум да се изјаснат што понатаму со него.
– Граѓаните на Скопје што го платија овој објект да кажат преку референдум што понатаму со него – рекоа денеска на протестот сопствениците на камп-куќички.
Општина Сарај, пред крајот на минатата година, донесе одлука тие да се отстранат од езерото Треска, а на 29 декември испратила извесување до нив да ги отстранат камповите.
Општина Сарај по писмен пат извести дека камперите имаат рок од 60 дена да ги отстранат нивните кампови.
-Оваа одлука уследи затоа што Инспекторатот за животна средина утврди дека поради тоа што има огромно загадување на воздухот, нечистотија, застарена електрична инсталација, нефункционален водоводот и канализација, како и уништена инфраструктура, постои голем ризик по здравјето на луѓето. Поради тоа е потребно итно да се дислоцираат камп-куќичките од овој локалитет- соопштија тогаш од Општина Сарај.
Сопствениците велат дека инвестирале во нивните кампови и биле редовни плаќачи на киријата, која на годишно ниво изнесувала 200 евра.
Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, денеска рече дека ако си кираџија некаде не можеш да условуваш до бескрај да бидеш кираџија.
Инаку, како што објаснија од Општина Сарај, Советот на општината усвоил одлука за промена на Урбанистичкиот план на езерото Треска, со која се бара Министерството за економија да го прогласи езерото Треска за туристичка развојна зона.
Според урбанистичкиот план, просторот треба да биде чист за да се прогласи за бесплатна туристичка зона. Досега повеќе од 20 кампови се отстранети од таму.
Според здружението на кампери, во моментов има над 500 приколки во близина на езерото Треска, од кои повеќе од 350 се активни.
Езерото Треска не работи повеќе од 20 години. Поради загаденост на водата и забрана за капење е затворено во 1998 година. Беше изградено во 1978, со самопридонес на жителите на Скопје на површина од 136.000 метри квадратни и капацитет за 10.000 капачи.(Б.Б.)