На распит во полиција ќерката и сопругата на газдата на „Пулс“


Фото: Б. Грданоски

Синоќа, припадници на Министерството за внатрешни работи ги привеле сопругата и ќерката на газдата на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов – Деко.Двете сѐ уште се наоѓаат во полициската станица во Кочани при што им биле одземени пет мобилни телефони. Неофицијално, спорната фалсификувана лиценца од Министерството за економија ја земала ќерката на Јованов.
Основното јавно обвинителство потврди дека во текот на вчерашниот ден и денеска истражните тимови на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи координирано преземаат дејствија за обезбедување докази.

„Извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија“, информираат од Обвинителството.Во текот на денот, Јавното обвинителство ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, како и за осомничените и други лица.

Дејан Јованов – Деко, кој моментално се наоѓа во притвор, беше закупец на дискотеката „Пулс“, каде што во пожарот животот го загубија 59 млади лица. Освен тоа, тој го управуваше и кафулето „Класик“ во трговскиот центар во Кочани, како и подружницата на „Карго експрес“ за Кочани и Виница.