На прсти се бројат деновите до почеток на изборната кампања


Сеедно дали кампањата формално ќе почне уште следната седмица или нешто подоцна, неформалната кампања е во полн ек (Фото. Борис Грданоски)

Ако во овие четири дена пред завршувањето на вонредната состојба не се донесат нови измени во Уредбата за изборите со кои би се поместил рокот од 22 дена за нивно завршување, тогаш 20-дневната изборна ќе почне веќе в понеделник

 

Освен единствениот  глас „против“ на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и забелешката дека „Заев гази врз мртви и новозаразени само да издејствува избори за помал пораз“, синоќа изостана поконкретен одговор  од ВМРО-ДПМНЕ за измените на владината Уредба за изборите, со кои практично се создаде терен за избори на 5 јули – датумот што СДСМ го прифати како компромисен, откако пропаднаа првите планови на партискиот врв гласањето да биде на 14 или на 21 јуни.

Затоа, пак,  доцна вечерта на Твитер се појави неутралната информација на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи за разговорите што ги имал вчера со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Посочувањата на Вархеи дека е многу важно изборите да бидат „слободни, фер и инклузивни, имајќи ја предвид ситуацијата со Ковид-19, како и потребата од ефикасни мерки за економско закрепнување“, се толкуваат во политички кругови како сигнал дека за ЕУ не е проблематичен датумот за одржување на изборите, колку што е важно тие да поминат во фер и демократска атмосфера. Без евентуален опозициски бојкот и согласно здравствените протоколи, така што ќе се овозможи функционален парламент, а потоа и избор на политичка влада, кои потоа ќе можат да носат одлуки и да спроведуваат политики за  санирање на економските последици од кризата со Ковид-19.

Ако во овие четири дена пред завршувањето на вонредната состојба не се донесат нови измени во Уредбата за изборите со кои би се поместил рокот од 22 дена за нивно завршување, тогаш официјалната 20-дневна изборна кампања би требало да почне веќе в понеделник. Другата опција што моментно изгледа малку веројатна, со оглед на најавите што доаѓаат од Владата и од СДСМ, е да се побара продолжување на вонредната состојба за уште неколку дена за да се овозможи гласањето да биде  една седмица подоцна – на 12 јули или евентуално во некој од работните денови потоа, што се споменуваше исто така како опција – за да се избегне викенд и да се овозможи поголема излезност. На таков начин би се „купило дополнително време“ за ажурирање на избирачкиот списсок, како што инсистираше опозицијата, како и за доаѓање на  странски набљудувачи.

Но, сеедно дали кампањата формално ќе почне уште следната седмица или нешто подоцна, неформалната кампања е во полн ек, и покрај тоа што фокусот на јавноста и натаму е насочен кон ситуацијата со корона вирусот. Додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си ја префрлаат одговорноста за здравствената криза, опозицијата обвинувајќи ги здравствените власти во земјава, а владејачката партија министерот за внатрешни работи поради политиката на неказнување, ДУИ се обидува да го сврти фокусот кон својата нова иницијатива – за прв премиер Албанец во земјава, без притоа да посочи конкретни имиња за  можен кандидат за оваа позиција, ниту, пак, начин како би дошло до реализација на таа идеја – за избор на носителот на извршната власт во земјава според неговата етничка припадност.

Владејачките СДСМ и ДУИ се најдоа на иста линија во однос на 5 јули како изборен датум, но најновата иницијатива на Али Ахмети, од друга страна, ги први ривали во изборниот ринг. Наспроти граѓанскиот концепт што го промовираше Зоран Заев преку колаицирањето со Беса од албанскиот политички камп, Ахмети сугерира избор на премиер по етнички клуч.

И покрај првичната реакција на Заев дека тој е кандидат за мандатар за состав на новата влада, во СДСМ велат дека не се изненадени, ниту загрижени од потегот на нивниот досегашен колаициски партнер во Владата. Идејата за прв  премиер Албанец во земјава ја доживуваат како уште еден предизборен адут на ДУИ, какви што оваа партија вади „од ракав“ пред речиси секој нов изборен циклус.

Преку колаицирањето со СДСМ на последните локални и претседателски избори, како што велат од оваа партија, ДУИ успеа да ја релативизира вистинската сликата за влијанието што го има меѓу гласачите, особено со оглед на подддршката што ја имаат социјалдемократите и Заев кај дел од албанското избирачко тело.  Ако се има предвид дека и на овие избори се очекува значаен дел од поддршката на етничките Албанци во земјава да се прелее на контото на СДСМ, односно на коалицијата со Беса, проценките се дека ДУИ, која настапува самостојно на изборите, не случајно повторно заигра на етничка карта. Обидувајќи се на тој начин да го оттргне и вниманието од  големиот број заразени со корона вирусот токму во некои од општините каде што градоначалниците се од партијата на Ахмети. (Н.В.)