На Предлог-извештајот на Европскиот парламент за земјава поднесени 313 амандмани 


 

БРИСЕЛ – На Предлог-извештај на известувачот на Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц европратениците доставија вкупно 313 амандмани. Повеќето од нив дообјаснуваат или дополнуваат некои делови од документот, но има и такви со кои во извештајот се вметнуваат нови содржини или оценки. 

Двајца европратеници од екстремно десничарската и националистичка партија Грчко решение предлагаат замена на зборовите „Република Северна Македонија“ со зборот „Скопје“ во текстот на целата резолуција. 

Европратеникот Тајс Ројтен од холандската Лабуристичка партија (ПВДА) предлага додавање на алинеја 19а која би гласела „Имајќи го предвид постојаното признавање на македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ“. 

Европратеникот на бугарската националистичка партија Преродба, Станислав Стојанов предлага замена на точката Б, која наместо „Со оглед на тоа што аспирациите на граѓаните на Северна Македонија да станат дел од ЕУ доведоа до значителен напредок во однос на демократијата и социо-економските реформи, додека процесот на пристапување продолжува да доживува блокади од различни неоправдани причини“, според него, би требало да гласи „Со оглед на тоа што аспирациите на граѓаните на Северна Македонија да станат дел од ЕУ продолжуваат да доживуваат назадување поради недоволната политичка волја на земјата да ги спроведе договорените обврски“. 

Измена на оваа точка предлага и Ивајло Валчев од партијата Има тков народ со чиј амандман се предвидува наместо „додека процесот на пристапување продолжува да доживува блокади од различни неоправдани причини“, да стои „додека процесот на пристапување во ЕУ продолжува да се соочува со пречки поради непријателската реторика на политичкото раководство во земјата и недостигот на политичка волја за преземање и спроведување на потребните реформи потребни за продолжување на процесот“. 

И либералната четворка Барна, Пает, Ауштревичиус и Јар предлагаат замена на овој дел од точката со текст „додека процесот на пристапување продолжува да доживува жални одложувања поради различни причини“. 

Пратеникот Себастијан Тинкинен од десно популистичката Партија на Финците предлага бришење на делот од точката Б по зборовите „демократијата и социо-економските реформи“, без воопшто споменување на блокадата и причините за неа. 

Валчев има поднесено и амандман за додавање точка Б-а, која би гласела „Со оглед на тоа што изнаоѓањето заеднички наратив за заедничката историја е неопходната основа врз која Бугарија и Северна Македонија треба да ги градат своите односи, и дека односот меѓу идните генерации на Северна Македонија и Бугарија ќе биде одраз на образовните процеси во двете земји“.

Амандмани се доставени и за измена на Точката Ц од извештајот која гласи: „Со оглед на тоа што Северна Македонија е доверлив партнер, целосно усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“. 

Самиот автор на Извештајот, Вајц предлага нејзина замена со следното: „Со оглед на тоа што Северна Македонија е партнер, целосно усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и игра конструктивна улога во регионот“. 

Валчев меѓутоа предлага точката Ц да гласи: „Со оглед на тоа што неодамнешното воздржување на Северна Македонија од Резолуцијата EС-11/7 на Генералното собрание на ОН за Украина и нејзиното коспонзорство на алтернативна резолуција предводена од САД укажува на неочекувана и жална промена во усогласувањето на нејзината надворешна политика, што предизвикува загриженост за нејзината посветеност на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, а според Стојанов, оваа точка треба да гласи само „Со оглед на тоа што Северна Македонија е важен партнер“. 

Точка Д и уставните измени, странското мешање и македонскиот јазик и идентитет 

Измена на Точката Д: „Со оглед на тоа што Северна Македонија треба да ги усвои неспроведените уставни измени за да можат брзо да започнат пристапните преговори“ предлага авторот на извештајот Вајц.

Со амандманот на Вајц се предлага оваа точка да гласи „Со оглед на тоа што Северна Македонија треба да ги усвои неспроведените уставни измени, во согласност со нејзините заложби, за да можат веднаш да започнат пристапните преговори“. 

Но, Валчев смета дека Точката треба да гласи: „Со оглед на тоа што од Северна Македонија се бара да ги усвои неспроведените уставни измени, вклучувајќи го и признавањето и вклучувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот како официјална етничка група, со цел да се олесни брзиот почеток на пристапните преговори“, а Андреј Ковачев од ГЕРБ: „Со оглед на тоа што Северна Македонија треба да постигне видливи резултати во исполнувањето на своите обврски од Преговарачката рамка на ЕУ и заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, вклучително и да ги усвои неспроведените уставни измени, за да може брзо да започнат пристапните преговори“. 

Амандмани за вметнување на Точка Д-а со идентична содржина: „При што ЕУ постојано го демонстрираше своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“ поднесоа Вајц и претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер од Христијанско демократската унија (ЦДУ).  

Амандмани се доставени и на член 1 од Извештајот со кој Европскиот парламент „ја повторува својата целосна поддршка за желбата на Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ“, при што најголемиот дел од предложените измени се надополнувања поврзани со пораки за спроведување на неопходните реформи и исполнување на критериумите за членство или манифестирање на политичка волја. 

Тројцата европратеници од францускиот Национален собир на Марин Ле Пен предлагаат Македонија да не влезе во ЕУ и замена на овој член со текстот: „цврсто ја отфрла желбата на Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ, како и секое понатамошно проширување на ЕУ, бидејќи земјите кандидати, особено од Западниот Балкан сѐ уште се далеку од исполнувањето на критериумите за политичка, економска и социјална стабилност наведени во Копенхашките критериуми, со постојана политичка нестабилност, широко распространета корупција и постојан организиран криминал. што претставува значителен ризик за сигурноста и безбедноста на европските граѓани“. 

Мекалистер предлага замена на делот од членот „мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзале нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“ со „мултиетничкиот карактер на земјата; верува дека зајакнувањето на врските меѓу повеќе етнички групи е од суштинско значење за подобрување на социјалната кохезија, обезбедување поефикасно владеење и за забрзување на напредокот на земјите кон членство во ЕУ“. 

Неколкумина бугарски европратеници предлагаат вметнување на содржини со кои се споменува потребата од „внесување на Бугарите во Уставот“ и „почитување на правата на припадниците на бугарското малцинство“.

Нов член 2а предлага и холандскиот социјалдемократ Ројтен и тоа со содржина: „Го поздравува успешното завршување на скрининг процесот за Северна Македонија на крајот на 2023 година; повикува на премин во следната фаза од преговорите без понатамошно одлагање“. 

Европратениците од хрватската ХДЗ, Карло Реслер и Давор Иво Стиер, предлагаат вметнување на член 2а, кој би гласел: „Истакнува дека постојните билатерални прашања никогаш не треба да го попречуваат напредокот заснован на заслуги на европскиот пат или да ги надминуваат пошироките стратешки интереси на Унијата, туку тие треба да се решат преку отворен дијалог и вистинска соработка; подвлекува дека пристапните преговори треба да следат јасен пат, водени од објективни критериуми и единствено засновани на заслуги“. 

Изјаснувањето по предложените амандмани и по самиот Предлог-извештај за земјава од страна на членовите на АФЕТ е предвидено за 13 мај. (МИА)   

Не треба да губиме време во процесот на уставни измени, затоа што мојот страв е дека ако не фати ноември без завршени промени на Уставот, ќе прекинат преговорите и ќе го изгубиме моментот, а