На папата лекарите му кажале да мирува два месеци. Работеше до последен момент


Фото: Б. Грданоски

По повеќе од пет недели поминати во болница, лекарите го советувале папата Франциско да одмори најмалку два месеци, но поглаварот на Католичката црква решил да работи до самиот крај. На Велигден, ден пред неговата смрт на 88-годишна возраст, Франциско го направи своето прво пошироко појавување во јавноста од февруари. Тој со бел папамобил пристигна на плоштадот Свети Петар и ги поздрави насобраните верници.

Папата се состана со странски лидери во неделата по втор пат од 23 март. Тој накратко го прими американскиот претседател Џ.Д.Венс во својата резиденција. „Среќен сум што го видов вчера иако очигледно беше болен“, напиша Венс на платформата „Икс“.

Во неделата и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ накратко се сретна со папата, придружуван од неговото семејство. „Тоа беше краток, но длабоко трогателен момент – средба исполнета со добрина, насмевки и благослови кои ќе останат трајно врежани во сеќавањето на целото мое семејство како скапоцен подарок во моментот на збогување“, објави во понеделникот Пленковиќ.

За некој што закрепнувал од долго боледување, Франциско работел премногу, пренесува Ројтерс.

Кардиналот Мајкл Черни, висок функционер на Ватикан, близок до Франциско, рече: „Апсолутниот одмор не е исцелување“. „Тој го балансираше своето закрепнување со должностите на римскиот бискуп“, додаде тој, нагласувајќи дека папата е посветен на неговото водство на католиците. Цитирајќи ги упатствата што Франциско често им ги даваше на епископите да останат блиску до своите верници, Черни рече: „Тој умре со мирисот на стадото на него“.

Остин Ајвери, биографот на Франциско, кој заедно со него напиша книга во 2020 година, рече дека Светиот Отец „внимателно ги слушал советите на лекарите, но негов приоритет била мисијата на неговото присуство“. Франциско, продолжи Ајвери, беше „мајстор на вистинскиот момент“.

„Тој се погрижи да имаме папа за Велигден и ја задржа својата мисија на присуство до крај“, рече биографот.

За време на неговиот престој во болница, тој имал неколку респираторни кризи за кои лекарите подоцна рекле дека за малку ќе го убиле. Кардиналот Кевин Фарел, објавувајќи ја смртта во понеделникот на ватиканската телевизија, само рече дека папата починал во 7:35 часот.

Откако ја напушти болницата, Франциско доби 24-часовна нега, соопшти претходно Ватикан. Тој добиваше кислород преку ноќ, а понекогаш и во текот на денот ако требаше. Во болница добил неинвазивен кислород преку маска. Во своето последно јавно појавување во неделата, Франциско им кажа само неколку зборови на околу 35.000 луѓе собрани на централниот плоштад во Ватикан.

Во традиционалната велигденска порака прочитана од неговиот помошник, папата го повтори својот редовен повик за прекин на огнот во Газа и предупреди на страшната хуманитарна ситуација во палестинската енклава. Папата го повика и палестинското милитантно движење Хамас да ги ослободи преостанатите израелски заложници и предупреди на „загрижувачкиот“ тренд на антисемитизам во светот.

Отец Габриел Романели, од парохијата во Газа, која папата редовно ја повикуваше за време на израелската офанзива, изјави за Ватикан њус: „Папата последен пат ни се јави во саботата навечер, непосредно пред почетокот на Велигденското бдение, додека ја молевме бројаницата. Ни рече дека се моли за нас, нè благослови и ни се заблагодари за молитвата“.