На „огнените“ од ДУИ сега не им чини и Владата

„Целиот владин состав потфрлува“, рекоа на прес конфереција Изет Меџити и другите, но пак главната цел им беа Артан Груби и Бујар Османи


Фото: Б. Грданоски

 

Откако изгледаше дека ситуацијата во ДУИ се смирила откако „огнената група“ доби раководни функции во партијата, работата неочекувано денеска повторно зовре. Изет Меџити и другите околу него на прес-конференција повторно побараа промена на министрите Артан Груби и Бујар Османи, но и на другите членови на владата од нивната партија. Но тврдеа дека и „целиот владин состав потфрлува“. 

Тие тврдеа дека Груби и Османи на последната анкета на ИРИ имале најслаби резултати, што не би можело да се каже дека е точно. На прашањето во анкетата кои три министри најдобро ја вршат работата, Бујар Османи е во врвот со вкупен скор од 9 отсто, додека Груби има 6 отсто, но повеќе од многу други. На пример, министерот за економија, Крешник Бектеши има вкупен скор 4 отсто. Но на другото прашање – кои од министрите не ја вршат работата како што треба Артан Груби е на самиот врв со вкупен скор од 15 проценти.

Но Меџити, крај кого стоеја Муса Џафери, Блерим Беџети (градоначалник на Сарај), Кастриот Реџепи кој неодамна влезе во ДУИ, Невзат Бејта, работата ја насочи кон целата влада.

„Во овој случај целиот владин состав потфрлува и треба да отстапат место за други, поенергични, кои знаат повеќе да се справат со предизвиците“, рече Меџити.

Меџити по неодамнешните превирања стана потпретседател на партијата, а Блерим Беџети организациски секретар, добивајќи го местото на Груби.

Но за „огнените“ Али Ахмети и натаму е неприкосновен лидер. Тие за него немаат никаква забелешка. Но имаат забелешка дека анкетата покажала оти за прв пат опозицијата во албанскиот блок заедно имала повеќе поддршка од ДУИ. Велејќи дека немаат намера да создаваат фракција тој рече: „Следниот чекор ќе биде да се спуштиме во базите и да комуницираме тет-а-тет со членството на ДУИ. Да ги слушаме, да ги кажеме нашите размислувања и врз основа на тоа да градиме следни чекори. Но, битката ќе ја водиме внатре во ДУИ до последниот атом“

Според анализите на оваа група не се реализирале изборните ветувања од 2020 година.

„Изборната програма на ДУИ за парламентарните избори во 2020 за периодот 2020-2022 година содржеше 170 стратешки проекти и заложби. Од 170 само два се реализирани потполно, а пет се делумно, додека другите се заборавени од извршната власт на ДУИ. Тие два се поврзани со личните позиции во извршната власт – албански вицепремиер (Артан Груби) и албански преговарач во разговорите со ЕУ, каде што е Бујар Османи“, рече Меџити.

Тие ѝ посветија посебно внимание на етничката застапеност тврдејќи дека напредокот на Албанците во институциите е минимален. А забележаа и дека во странските компании во слободните економски зони во градови каде живее мнозинство албанско население, наводно 90 отсто од вработените бил етнички Македонци.

Па Меџити и другите побараа од Владата да ги натера компаниите да вработуваат Албанци.

„Владата има механизми, ги помага, ги плаќа, им дава субвенции и треба да е заинтересирана и во нив да се рефлектира реалноста во Македонија“, рече Меџити.