На одмор во Албанија: „Земјата на бункерите“ излезе на сонце


Иако летувањето во Албанија одамна не е табу меѓу Македонците, секое планирање на годишниот одмор во „земјата на бункерите“ предизвикува доза на адреналин и внимателност, кои исчезнуваат веднаш штом ја минете границата на „Ќафасан“. Поточно, сега на располагање го имате и автопатот Приштина – Тирана, кој го скратува патувањето за неколку часа во споредба со патот кон Струга и Елбасан, кој е бавен, но солиден и живописен и кој нуди придружно друштво со остатоците од режимот на Енвер Хоџа. Триесетина години подоцна, Албанија забрзано се труди да го надомести пропуштеното. Земјата што излегува на две мориња, сè поактивно се вмешува во битката за туристи, иако е јасно оти заостанува зад другите регионални туристички центри.

„Веројатно е така, но силно работиме на унапредување на капацитетите и понудата за нашите гости. Од година во година се подобруваме, гледате дека се пробиваме и на пазарот на источноевропските земји, што порано беше незамисливо или ретко“, велат од туристичката заедница во Валона, град со над 100.000 жители лоциран во средината на албанското крајбрежје.

Песочните плажи, средените шеталишта, топлото Јадранско Море, убавото време, љубезноста на домаќините и, секако, евтините цени се аргументите што му одат во прилог на албанскиот туризам. Инфраструктурниот хаос, овде-онде нечистото море и балканските манири на однесување се работите во кои има простор за напредок кај нашите западни соседи.

Влијанието на италијанската култура и стил на живеење во Валона се чувствува и денеска. Не чуди што Италијанците или Албанците што работат во Италија се најчестите инвеститори во овој приморски град. На секој чекор ќе наидете на табли на италијански јазик дека се продаваат или градат станови во близина на плажите. Тие никнуваат од секаде, бели висококатници по должина на главната улица што води до и од Валона.

„Стан од 38 квадрати, веднаш вселив, со вода и струја, цена – 45.000 евра“, гласи еден од огласите.

Доколку сте заинтересиран, можете да најдете и станови со цена од по 800 евра за квадратен метар, во зависност од тоа дали е блиску до морето, дали околу е асфалтирано, колку е квалитетна градбата… Во Албанија, на пример, не е нималку чудно доколку една до друга горделиво стојат нова луксузна зграда и стара куќа од комунистичката ера без фасада.

„И за нив ќе се најде чаре, некој што ќе ги сруши и место нив ќе изгради убав објект“, коментираат во градот.

Апартмани по дваесетина евра, цени како дома

Во Валона е второто по големина пристаниште во Албанија, но нема многу бродови. Интересно, нема многу ниту глисери и чамци, а скутерите се забранети. Плажите се песочни, многу мал дел од нив се приватни, другите се јавни, широки и пространи. Градските власти имаат најмено спасувачи што ги надгледуваат капачите. Еднаш неделно со трактор се поминува низ песокот. Веднаш до плажите е главната улица, тесна е, не се можни претекнувања, па затоа и бавно се вози. Има прекрасна патека за велосипеди. Веднаш зад нив се хотелите, зградите и куќите. И кафулињата, кои ги нема на плажите. Таму можете да си однесете пијачка или храна.

Валона е отворен град, газдите на кафеаните се обидуваат да го донесат медитеранскиот дух во своите локали. Кујната и понудата се различни. Пиците и скарата доминираат. Што се однесува до музиката, тука е сосема нормално во едно кафуле да се пуштаат модерните странски хитови, во соседното со кое нема ниту ограда да свири дуо што преферира латино-музика, а во третото да слушате албанска музика со традиционални инструменти. Да се измешаат звуците и зборовите, а сепак да се чувствувате пријатно.

Тука се неизбежните сендвичарници, бурекчилници, слаткарници, дел од нив ги држат и Албанци од нашата земја, кои се особено внимателни кон гостите од Македонија. Навечер, како целиот град и сите гости да се излезени по улиците, повозрасните ќе се присетат на популарните корза. Се организираат улични претстави, живо е и по тезгите, се продава сè и сешто, од книги до реплика на познатиот коњак „скендербег“.

Во Валона и во Албанија можете удобно да се чувствувате и со македонски паричник. Приватно сместување, односно апартман или стан ќе најдете за дваесетина евра од ноќ. Во хотелите, услугата е поскапа, па соба со вклучен појадок е во просек по четириесетина евра. Ако имате среќа, може и да начекате некој попуст или акција, па да ви спуштат некое евро.

Цените во маркетите се како и кај нас, некој производ е поскап за десетина денари, друг е поевтин. Сендвич или парче пица и „кока-кола“ е 100 денари. Четвртина бурек е педесетина денари. Вистинско уживање е во кафеаните. Жестоките пијалаци се педесетина денари, пивата до 70-80 денари, соковите до едно евро, салатите по евро и половина, порција скара три евра, килограм пилешки прсти – 5 евра… Слично како и во Скопје, но тука сте на море и на одмор. Бензинот е поскап, еден литар безоловен 98 чини околу 85 денари.

Добриот глас – најдобра реклама

„Платите во Албанија и во Македонија се речиси идентични, па затоа и цените се тука некаде“, објаснува момче од гостиварските села, кое веќе трета година по ред доаѓа да работи во Валона како келнер.

„Пријавен сум на плата од 150 евра, но секако дека заработувам повеќе. Зависам од процент, одам и над 500 евра, обезбедено ми е сместување и јадам во ресторанот. Тука сум до крајот на септември, додека има гости“, зборува нашинецот.

Официјалните податоци велат дека просечната плата во Валона е 800 евра, повисока од албанскиот просек, но неа ја имаат многу мал број вработени.

„Обично, менаџери на успешни странски фирми и директори на банки го подиграат просекот. Обичниот народ работи за 200-300 евра“, нагласува момчето од Гостиварско.

Албанците знаат дека добриот глас е најдобрата реклама, па во нивните кафеани ќе наидете на гестови што сме ги заборавиле: пијачка или закуска од газдата, музика по желба, па и полицајци што ќе ви сигнализираат со рацете да намалите малку со брзината на возење. И ќе ве чекаат и наредната година со ветување оти дотогаш ќе поработат на недостатоците.

Полјаците како дома во Валона

Полјаците, покрај Македонците и Албанците од регионот, се најчестите туристи што можете да ги забележите во Валона. Полјаците дури имаат и кафе-бар во центарот на градот каде што можат да се дружат и забавуваат.

„Целиот седумдневен аранжман од дома до Валона, со автобус, во хотел со појадок го плаќаме околу 300 евра. Тоа е многу евтино. Тука ни е убаво, нè има еден куп, се бањаме, се излежуваме, навечер не излегуваме од кафеани“, се шегува друштво од Катовице.

Освен автобуски превоз, туристичките агенции организираат и чартер-летови од Полска и од Русија.

Од туризмот заработуваат 1,5 милијарда евра

Во Албанија живеат околу три милиони луѓе, но вистинската бројка, како и во другите балкански држави, веројатно е многу помала, пред сè поради иселувањето. Корупцијата, криминалот, непотизмот и бесперспективноста се главните причини поради кои илјадници млади Албанци секоја година ја напуштаат земјата и заминуваат во западноевропските држави.

Албанија има среќа што е распослана на две мориња: Јадранското со „главните“ градови Драч и Валона, односно Јонското кај Саранда и Ксамил во близина на границата со Грција. Сè на сè, околу 450 километри морски брег. Туризмот е профитабилна гранка, сфатија Албанците, па сè повеќе внимание посветуваат на зимските центри, како и на посетата на религиските и на историските знаменитости. Нашиот западен сосед минатата година од туризмот заработи речиси 1,5 милијарда евра. Профитот и бројот на посетители растат од година во година.

Горан Адамовски