На Норвежаните им плаќаат да користат струја, цените се под нула


Цените на електричната енергија во делови од Норвешка по втор пат во историјата паднаа под нула, а жителите на јужниот дел од земјата се „платени“ да користат електрична енергија, затоа што производителите мора да им платат на корисниците за да може да ја продадат, кога цените се негативни.

Според норвешкиот локален медиум E24, цените на електричната енергија во Осло и во Кристијансанд и околу него биле негативни четири часа, во раните часови во понеделникот.

Ова е втор пат во историјата цените на електричната енергија во Норвешка да паднат под нула. На почетокот на јули цените на електричната енергија во Норвешка станаа негативни на еден час. Тогаш некои од причините за првите негативни цени за електрична енергија беа полно снег во планините, ограничен извоз на електрична енергија и почеток на летни одмори, во текот на кои норвешката потрошувачка на енергија е пониска од нормалата.

Последната негативна цена на електрична енергија од понеделникот е резултат на обилните дождови и ветрот во последните недели, како и поголемиот увоз на нуклеарна енергија од Шведска, велат аналитичарите за Е24. Сезонските температури кои се повисоки од нормалата исто така, придонесоа за ниска побарувачка на електрична енергија на југот на Норвешка.

Се очекува цената на електричната енергија со доаѓањето на зимата во Норвешка да порасне, додаваат стручњаците.

Норвешка е најголем западноевропски производител на нафта и земен гас, а повеќето електрична енергија ја генерира од хидроелектрани. Според норвешката фирма „Статкрафт“, хидроенергијата претставува 99 отсто од целосното производство на електрична енергија во Норвешка. Глобално, хидроенергијата е од прилика шестина од вкупно генерираната електрична енергија, тврди „Статкрафт“.

Според статистичките податоци за Норвешка, хидроелектраните во септември 2020 година произведувале 91,2 отсто од вкупната електрична енергија во земјата, по што следуваат ветроелектраните со 7,1 отсто удел и топлинската со 1,6 отсто. Последната годишна проценка на статистичката организација на Норвешка покажува дека хидроелектраните чинеле 95 отсто од производството на електерична енергија во земјата во 2018 година.