На независните им требаат потписи колку на советниците гласови
И со праг од еден отсто потписи од граѓаните кои имаат право на глас, независните листи за советници во Град Скопје ќе треба да соберат повеќе потписи од една пратеничка листа, реагираат од „Зелен хуман град“ (ЗХГ), неформалната иницијатива од 20 организации и активистички групи, која најави учество на претстојните локални избори.
Нивната реакција доаѓа по вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека предложениот праг од два отсто во предлог-измените на Изборниот законик ќе се симне на еден отсто или целосно ќе биде отстранет. Исто така, ЗХГ испратија писмо со пет барања до претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда и до Собранието кои се однесуваат на законските измени што веќе се во собраниска процедура.
-На локалните избори во 2017 гoдина во Град Скопје, советнички мандат се добивал и со 5.700 гласови. ДУИ имале најмал број на освоени гласови по советник. Вкупно добиле 17.000 гласови за 3 советника.Прагот од 1% за независна листа да добие право да се кандидира на локални избори во Град Скопје е 5.000 потписи – речиси идентичен со бројот на гласови потребни за еден советнички мандат, што е тежок апсурд. Нема да дозволиме такво первертирање на правилата на игра само за да можете да продолжите да крадете и да уништувате, напиша на Фејсбук Драгана Велковска.