На моите слики боите се мојот глас: Интервју со Ервин Ќатовиќ, академски сликар
Секоја боја има свој тон, секоја четка има своја приказна, создавајќи мозаик кој го отсликува животот во неговата сложеност, вели авторот, по повод неговата изложба „Градина“ во Мала станица

На отварањето на неговата изложба „Градина“ минатиот викенд во Мала станица, се спои небото и земјата со обилниот дожд, а ние, малкумина ентузијасти и вљубеници на врвното сликарство, не „огреа“ сонце додека ги разгледувавме дваесетината слики во техника акрил на платно, на бошњачкиот академски сликар Ервин Ќатовиќ (по мајка Далматинец), кои ни го донесоа Медитеранот во Скопје.

Гостинот, роден во Приштина, а живее во Нови Пазар, со необичен и динамичен животен пат кој го носи низ цела Европа, беше почестен што Националната галерија, заедно со директорката Дита Старова-Ќерими и кураторката Маја Крстевска, виш кустос, ја организира изложбата која со својата модернистичка уметност потполно одговараше на просторот. Башка, заедно со истакнатата конзерваторка Вања Урошевиќ, приметија, дека авторот, кој се стреми да го достигне апсолутното значење на природата, работи на најскапите платна, што е раритет.

Неговите уметнички пространства се многу широки, несогледливи уметнички и мисловни длабочини зборуваат за него како сликарски градител, кој гради и верува во сликарските вистини. Преку неговата креативност, на која и се предава со целото битие и сопствената имагинација, сликарски го прикажува својот уметнички став и размислување. Од природата како инспирација до замислениот концепт – остварената конечна форма доаѓа експресивно.

-Мојот образовен пат и професијата ми ги определија понатамошните чекори во животот и затоа живеев на повеќе места, како во Србија, така и надвор од нашите граници. Црногорското потекло на татко ми Хилмија, истакнат уметник и професор на Факултетот за уметности и еден од основачите на ФЛУ во Приштина, влијаеше и на мојот однос кон културата, традицијата и уметноста. Долги години работев во Приштинскиот културен центар како уредник за ликовна култура и со мојата работа во областа на културното наследство и уметноста, како и мултимедијалната уметност, дадов свој несебичен придонес. Како творец постојано бев инспириран од фрагменти од мојот живот во Косово – Србија и Црна Гора. Можеби емотивно ме погоди распаѓањето на некогашната заедничка држава, што може да се види на многу мои слики. Моите ментални пејзажи со многу енергетски набој се исткаени со коагули од шарени порои, кои се граничат со апстрактно-асоцијативни појави. Во светот на уметноста, внатрешната предодреденост и трансестетската баналност со унифицирана стереотипна култура во која индивидуалноста ја губи својата уникатност, мојата работа укажува дека сè уште постои уметност „со лице, значење, минато, сеќавања“, ќе истакне Ќатовиќ, во бројните интервјуа во Белград.
На вкусно мезе, италијанско вино и дождлива вечер, во близина на Мала станица, авторот Ќатовиќ одговори на неколку прашања на „Независен“.

Што ве врзува со Скопје?
Имам посебни чувства за Скопје. Пред сѐ затоа што дедо ми Иљаз ефенди Ќатовиќ живеел и работел како професор по турски јазик во Медресата на кралот Александар во Скопје. За жал, поради неговата ненадејна смрт, семејството морало да се врати во Црна Гора. Татко ми, Хилмија, по две години посетување на средното уметничко училиште во Херцег Нови, го заврши средното уметничко училиште во Скопје кај познатиот професор Лазар Личеноски.
Роден сум во Приштина, а моето прво познавање на големиот град беше поврзано и со Скопје. Моето детство го одбележаа честите посети на тетка ми и семејството Ризаов. Мислам дека тоа на некој начин придонесе за моето созревање и интимен однос кон Скопје како град, преку културни и спортски настани.
За мене Скопје е повеќе од изложбен простор, тоа е можност да го споделам мојот уметнички израз со локалната заедница и да го почувствувам пулсот на креативната атмосфера што го прави посебен.

Колку добро ја познавате македонската уметност и нејзините бардови?
Лично ги познавав големите сликари Глигор Чемерски, Симон Шемов, а за Личеноски, Мартиновски, Петар Мазев, Хаџибошков и многу други дознав врз основа на приказните на татко ми, кој беше нивни современик. Имам многу високо и угледно мислење за современата македонска ликовна сцена.
Во Скопје се претставувате со неодамнешни дела. Дали се разликуваат од постарата креативна работа?
Тоа е континуирано продолжение на мојата уметничка рефлексија, која претставува парадигматично уметничко тело на творештво создадено во последните дваесет години.
Станува збор за уметничка приказна проткаена со автентичен уметнички ракопис и е отсликана во асоцијативно-апстрактна форма.

Дали отсекогаш знаевте дека ќе станете уметник? Дали како син на Хилмија Ќатовиќ, пејзажен сликар кој е на самиот врв на црногорската современа уметност, и чии слики се наоѓаат во многу светски музеи и галерии, како и во приватни колекции, почувствувавте обврска да ја продолжите традицијата или беше посилна од вас?
Тоа е едноставно судбина. Чувствував боја и често си играв со неа како дете. Подоцна таа игра доби посериозна форма и се родија првите слики. Татко ми беше голема поддршка, но во одредени моменти и голем товар. Тој го сакаше најдоброто за мене и не се согласувавме баш најдобро, мислеше дека тоа е многу тежок пат што го поминав и дека бара многу работа и посветеност. Проверуваше дали сум подготвен за тоа. Бев многу упорен и тоа резултираше со она што го гледате денес.
Уметничката критика вели дека настојувате да го достигнете апсолутното значење на природата, да ја почувствувате убавината што се ослободува од неа и да пренесувате апстракти од нејзините сокови на вашите платна. Зошто природата ве инспирира толку многу?

Јас не би се согласил. Иако знаат многу, забораваат дека многу успешно сум се обидел на урбани пејсажи, фасади на стари и трошни куќи, фрагменти од ѕидови. Ме водеше асоцијацијата и се што го претставуваше мојот живот беше инспиративно за мене. Точно е дека почнав да се занимавам со апстрактен и асоцијативен пејзаж на мој уметнички начин. Којзнае што ќе се случи утре…
Вие сте сликар кој зборува со боја. Вашите тонови се движат во богата палета на светло и темно, од нијанси на темно кафеава, бордо црвена до масивни нијанси на светло црвени тонови, нијанси на жолта и смарагд до виолетова. Дали и вие го гледате животот во боја, а не во црно-бело?
Сè е прашање на момент и расположение. Имаше денови кога гледав сè црно-бело, кога сè околу мене беше сиво, а потоа на хоризонтот се појавуваше нешто значајно што му даде боја на мојот свет, што ми даде за право да ја пуштам бојата и да го погледнам светот околу мене, на поубав начин, бајковит начин.
На моите слики боите се мојот глас. Од темни, речиси мистериозни тонови до експресивни црвени нијанси, се обидувам да ја доловам широчината на човечкото искуство. Секоја боја има свој тон, секоја четка има своја приказна, создавајќи мозаик кој го отсликува животот во неговата сложеност.

Вашата кариера и животен пат е интересен. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, се надоградувавте во Италија и во Франција. Сега живеете во Нови Пазар. Колку вашето потекло, традиција и космополитизам е испреплетено во вашето творештво?
По студиите останав во ателјеата на познати мајстори од поранешна Југославија и Европа. Тоа беше големо искуство за мене и ми покажа колку е голема уметноста. Елементите на традицијата се длабоко вкоренети во моето уметничко дело, како одраз на моето потекло и културно наследство. Сепак, го признавам и го инкорпорирам космополитскиот дух со цел да создадам дела кои комуницираат со глобалната публика и рефлектираат пошироки, универзални теми.