На младите дизајнери им треба поттик: Првата дама Ѓоргиевска се сретна со Сара Реџиќ


Првата дама Елизабета Ѓоргиевска, беспрекорна во својот стил, речиси на сите гала настани во земјата и во странство е во креации на македонски дизајнери и често ги посетува .

-Ме воодушевуваат со својата фантазија и оригиналност. Всушност, облеката не покажува ништо друго освен стил на живот. Како што живеам така и се облекувам, едноставно. Модата е прекрасна работа сè додека се вклопува во начинот на размислување за животот, ни изјави во претходно интервју за „Независен“ Ѓоргиевска.

Нејзината поддршка продолжува и среде пандемија. Денеска во Млади Хаб – Канцеларија на Претседателот се сретна со дизајнерката на облека и модни додатоци Сара Реџиќ.

На средбата Реџиќ ја запозна Ѓоргиевска со нејзините активности како и со предизвиците со коишто се соочуваат модните дизајнери, поради пандемијата на Ковид-19. Имајќи предвид дека оваа професија е една од погодените од кризата, Ѓоргиевска рече дека е неопходен силен поттик, и во овие вонредни услови, нашите дизајнери да продолжат да го негуваат и збогатуваат својот уметнички и креативен израз.  Во тој контекст Ѓоргиевска нагласи дека во континуитет ќе ги поддржува проектите на младите креатори, претприемништвото и на малите бизниси.

Реџиќ ја запозна сопругата на претседателот со пристапот во креирањето на облеката, којшто во голем дел се состои од рачна изработка. Дизајнерката Сара на средбата истакна дека настојува нејзините креации да бидат достапни за што поголем број жени.

Изразувајќи благодарност до Ѓоргиевска за поддршката во промовирањето на активностите на македонските дизајнери, Реџиќ презентираше дел од нејзините модни креации изложени во Млади Хаб – Канцеларија на Претседателот. 

Неодамна, на иницијатива на Ѓоргиевска, а во соработка со професори при Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ,  во Кабинетот на претседателот се одржа настанот „Три генерации македонска мода – пренесување на знаење“.