На Милановиќ му успеа она што не го направи ни Туѓман
Победата на Зоран Милановиќ на претседателските избори е толку голема што го стави премиерот Андреј Пленковиќ во дефанзива
Хрватските политички аналитичари синоќа по победата на Зоран Милановиќ на претседателските избори оценија дека споровите и несоработката меѓу шефот на државата и премиерот ќе продолжат и во неговиот нов мандат, додека главната причина за дебаклот на кандидатот на ХДЗ Драган Приморац ја пронајдоа во неговата неавтентичност.
Актуелниот хрватски претседател Зоран Милановиќ во неделата доби нов мандат со 74,68 отсто од гласовите и разлика од околу 49 отсто повеќе гласови од неговиот противкандидат Драган Приморац (ХДЗ и партнерите).
Вишеслав Раос, професор по компаративни политики на Факултетот за политички науки го истакнува извонредниот резултат на Милановиќ бидејќи постигнал најголема процентуална разлика од сите претседателски избори досега. „Приморац можеше да се надева на изборниот резултат на поранешната премиерка и кандидатка на ХДЗ Јадранка Косор во 2005 година, кога Стипе Месиќ освои втор претседателски мандат со две третини, или 66 отсто од гласовите. Но, Приморац не успеа ниту да дојде до тој резултат (има речиси 33 отсто), што го носи Милановиќ до неговиот најдобар резултат досега“, изјави Раос за Хина.
Тој додаде дека дури и првиот хрватски претседател. Фрањо Туѓман не успеа да постигне ваков резултат.
„Разликата е голема, но клучното е што Милановиќ успеа да освои поголем број апсолутни гласови од пред пет години, што не се случува често во хрватската политика. Не само што ги задржа своите гласачи, туку ја доби и довербата на некои нови гласачи“, посочува Драган Багиќ од Философскиот факултет во Загреб.
Поликологот Давор Ѓенеро вели дека процентот е голем, но апсолутните бројки сепак се скромни, па Милановиќ во 2014 година освои повеќе гласови од Колинда Грабар-Китаровиќ, но помалку од Иво Јосиповиќ во 2009 година. „Реториката за Милановиќ дека е речиси плебисцитарен претседател и како тој стекнал неверојатно силен изборен легитимитет едноставно не држи вода“, смета Ѓенеро. Тој наведува дека гласачкото тело во Хрватска во огромно мнозинство го поддржало Милановиќ, но исто така е очигледно дека ниту една политичка опција во Хрватска нема политичка поддршка базирана на плебисцит, па затоа не може да се каже дека Милановиќ од овие избори излегол како триумфален победник.
Кога станува збор за соработката меѓу Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ во следните пет години, Багиќ смета дека на ред е Пленковиќ и вели:
„Тој треба да одлучи дали ќе стапи во соработка за оние прашања за кои мора да соработува според уставот“.
Раос, пак, смета дека Милановиќ, без разлика на тоа што подаде рака по првиот круг од изборите, всушност нема мотив да биде кооперативен, бидејќи има огромна поддршка и може да каже – гласачите штотуку го наградија мојот стил, пристап и однос кон Владата. „Ова е последен претседателски мандат на Милановиќ, така што тој не мора да се грижи за реизбор, па може да прави речиси што сака“, смета Раос.
Тој додава дека може да се очекуваат спорови околу законот за одбрана и дека сепак нема да се договорат за амбасадорите кои чекаат на усогласување. Ѓенеро смета дека Милановиќ нема намера да го направи она на што во наредниот период се надеваа некои во опозицијата, пред сѐ во СДП, а тоа е да изгради политичка позиција наместо опозицијата и СДП.
„Тој очигледно има намера, пред сè, да ја дестабилизира позицијата на премиерот и да влијае на сузбивање на проевропската умерена опција во ХДЗ. Веќе имавме изјави за тоа како има две раце, а десната рака и ја подава на ХДЗ, што всушност е најава за притисокот што ќе се врши во наредниот период“, оцени тој.
Овој притисок ќе биде поврзан со натамошното релативизирање на евроатлантскиот идентитет на Хрватска, што веќе успеа да го направи во минатото и ќе има големи амбиции да влијае на европската политика на Хрватска и во тој контекст да се залага за нејзиниот квазисуверенизам. Ѓенеро верува дека Милановиќ ќе работи на извлекување на политичкото тело контролирано од Драган Човиќ во БиХ од сферата на влијание на Пленковиќ, што би било алармантно со оглед на неговите ставови за меѓународната политика.
„Се плашам дека од ова ќе произлезат негативни последици, дека ќе имаме значително послаба преговарачка позиција и позиција на Хрватска во регионалните односи отколку што имавме во минатото“, рече тој.
Зборувајќи за неуспехот на Приморац, Багиќ тврди дека тој не успеал да ги мобилизира гласачите надвор од „најтесното јадро на ХДЗ“ и дека тоа е клучниот фактор што влијаел на толку големата разлика во корист на Милановиќ.
„Резултатот е последица на разликата во автентичноста меѓу двајцата кандидати. Милановиќ имаше своја политика која често изненадуваше, заземаше позиции кои не ги очекувавме, но релативно доследно се држеше до нив. Од друга страна, од Приморац не можевме да слушнеме никакви автентични, нови политички идеи, туку само ги рециклираше пораките на Пленковиќ и ХДЗ во последните неколку години“, оценува тој.
Раос смета дека Приморац доживеал дебакл. „Дел од гласачите на ХДЗ и членовите на партијата очигледно не го признаа Приморац како автентичен кандидат, бидејќи тој е непартиски и еднаш беше исклучен од партијата токму поради тоа што се кандидираше против официјалниот кандидат на ХДЗ“, вели Раос.
Тој истакна дека е забележан прилично слаб одѕив токму во оние области каде што вообичаено доминира ХДЗ и дека таму има и многу неважечки ливчиња, на пример во Сплитско-далматинската жупанија и градот Загреб. Од друга страна, додава Раос за медиумот „Тпортал“, Милановиќ не беше само кандидат на левиот центар, бидејќи во текот на петте години од неговиот последен мандат привлече многу гласачи од десниот центар и десницата со својата суверенистичка политика.
Раос смета дека премиерот Пленковиќ ќе се обиде што поскоро да внесе некоја друга содржина во медиумскиот простор и се надева дека фокусот на јавноста ќе биде на локалните избори и дека претседателските избори некако ќе бидат заборавени. Ѓенеро смета дека ХДЗ не успеа да се справи со оваа ситуација со својот лош кандидат и дека очигледно е дека премиерот Пленковиќ се нашол во сериозна политичка дефанзива.
„Парадоксално е што победата на Пленковиќ над Милановиќ на парламентарните избори на крајот се покажа како помала, иако е поважна. Ова, за жал, не е последниот проблем со кој ќе се соочи раководството на ХДЗ, бидејќи направија голема грешка со лошиот избор на кандидат“, посочува Ѓенеро. Тој додава дека нивниот кандидат Приморац бил „навистина целосно поразен“ затоа што ХДЗ не успеала да го мотивира да гласа нејзиниот електорат.