На мигрантите кои со мали чамци ќе стигнат на Британско тло нема да им се дозволи азил


Долниот дом на британскиот Парламент го одобри новиот предлог-закон со кој се забранува влез во земјата на илегалните мигранти кои пристигнуваат со мали чамци преку Ла Манш.

Нацртот е изгласан откако британската Влада направила неколку измени на законот на барање на Конзервативната партија.

Одвраќањето на мигрантите кои пристигнуваат со мали чамци е едно од петте приоритетни прашања на британскиот премиер Риши Сунак. Според Законот за илегална имиграција, на луѓето кои пристигнуваат со мали чамци преку Ла Манш нема да им биде дозволено да бараат азил во Британија и ќе бидат депортирани или во нивните земји или во таканаречените безбедни трети земји.

Долниот дом го одобри нацрт-законот на третото читање со 289 гласа „за“ и 230 „против“, по што беше испратен на гласање до Домот на лордовите, каде што може да се измени или одложи.

– Илегалната миграција го поткопува интегритетот на нашиот имиграциски систем, изјави шефот за имиграција во Министерството за внатрешни работи Роберт Џенрик пред гласањето.

– Затоа сакаме да ги запреме чамците и да обезбедиме безбедност долж нашите граници, што е целта на овој предлог-закон, додаде тој.

Противниците на законот и некои добротворни организации велат дека предлозите би можеле да се покажат како непрактични и да ги криминализираат напорите на илјадници вистински бегалци кои всушност бараат азил во Британија.