На Мицкоски сега не му чинат ни албанските опозициски партии

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ секој што ги поддржал преговорите со ЕУ (како Алијансата за Албанците и Беса) бил инсталација на власта


 

Во нова фаза влезе потрагата во сојузници или противници на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Во неочекуван напад кон Алијансата за Албанците и Беса по почнувањето на преговорите со ЕУ и размислувањето за организирање референдум Христијан Мицкоски денеска ги обвини двете партии дека биле со власта и дека не можат да се идентификуваат како опозиција.

„Секој што е против референдумот или ја поддржал владата за усвојување на преговарачката рамка со ЕУ е инсталација на власта“, рече Мицкоски, стеснувајќи го кругот на можните коалициски партнери на неговата партија само на Левица.

„Јас не сум слушнал став на Албанците во опозицијата, но откако го поддржаа листот хартија во Собранието, имам дилема дали воопшто се во опозиција или пак се резервна варијанта и базен за пратеници на власта. Јас имам дилема каде припаѓаат за да се идентификуваат себеси како опозиција. Тие треба во јавноста да излезат со ставови во коишто ќе ја критикуваат власта. Ако тие ја поддржуваат тогаш јас не гледам како тие можат себеси да се идентификуваат како опозиција“, порача Мицкоски.

Реакциите од АА и Беса беа брзи и остри. Алијансата му одговорите дека Мицкоски нема да најде вазален партнер во оваа партија. „Алијанса за Албанците од самиот почеток ја покажа позицијата за интегративниот процес на земјата и за она што се нарекуваше француски предлог. ВМРО-ДПМНЕ меѓу нас нема да најде вазален партнер каков што имаше некогаш со ДУИ, која сега го има истиот однос кон СДСМ. Алијанса за Албанците им припаѓа само на Албанците и на народот и одговара само пред народот“, рекоа од АА.

За Беса ваквата изјава на Мицкоски значи дека ВМРО-ДПМНЕ кокетира со ДУИ за преку етнички тензии да им се зголемува рејтигот.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја постави дилемата дали албанската опозиција е против оваа влада или не, што уште еднаш ја докажа како точна дилемата што ја поставивме пред неколку недели дека ВМРО-ДПМНЕ мајсторски кокетира со ДУИ. Се претставуваат во јавноста како да се напаѓаат меѓу себе, а резултатите од овој ‘судир’ на ВМРО-ДУИ се во служба на зголемување на партискиот рејтинг на овие субјекти“, рекоа од Беса.