На Мицкоски му е подобро, благодарен на персоналот на Инфективна
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во Инфективната клиника се лекува од Ковид-19, вели дека конечно му е подобро. Прати и политичка порака дека кога ќе помине неговата здравствена мака, ќе почне маката на Владата, заради како што вели „неодговорноста со набавката на вакцини“.
– 13 ден откако сум ковид позитивен. Поминав исклучително тешки 12 дена, велат излегувам од т.н., цитокинска бура, интерлеукин 6 се намалувал. Денес ми е прво утро без покачена температура, подобро се чувствувам. Ова што јас го преживувам не сакам да биде ничија реалност бидејќи вирусов е страшен. Сакам да упатам јавна благодарност до целиот медицински персонал на Инфективна клиника во Скопје. Секој од нив е вистински борец и нивната посветеност и пожртвуваност не се опишува со зборови. Жално и трагично е што сѐ уште не е започнат процесот на вакцинација бидејќи без тоа нема решение, а очигледно за него ќе чекаме уште многу. Ќе помине и мојата здравствена мака, ама ќе започне маката на Владата заради оваа неодговорност и неспособност за набавка на вакцини. Не е време за циркус со шпиунски игри, треба сериозни луѓе на вистински места што знаат како. Ако на времето беше смешно кога ќе слушневме дека блескаме, денес е трагично бидејќи блескаме поради срамот, простотилукот, неспособноста на власта. Доаѓа денот за одговорност – напиша Мицкоски на Фејсбук.