На местото на Бочварски во градоначалничката фотелја на Штип седна Јане Миланов


ШТИП – Во свечен амбиент во аулата пред големата сала на Советот на општина Штип денес се одржа церемонијата на примопредавање на функцијата градоначалник на Штип. Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски со што градоначалничкото место во Штип остана упразнето.

Согласно Законот за локална самоуправа градоначалникот Бочварски го назначи Јане Миланов за заменик-градоначалник. Јане Миланов има седумгодишен советнички стаж, а последните три години беше претседател на Советот на Општина Штип. Миланов, во изминатите три годни беше најблизок соработник на Бочварски поради што неговото поставување за заменик градоначалник не е никакво изненадување.

Обраќајки се денес пред советниците, новинарите и вработените во Општина Штип, Бочварски на сите им се заблагодари за одличната соработка, за која, како што рече, била од корист за градот.

Како свој голем успех и успех на оваа локална власт тој ги спомена големите реализирани проекти меѓу кои новата детска градинка за 200 дечиња која е изградена по 35 години, новиот челичен мост на реката Брегалница кој е изграден по пауза од 65 години, водовод во улица „Балканска“, 14.000 метри квадратни пешачки површини, нова обиколница со два кружни тока, аква паркот кој засилено се гради, кој е приватна инвестиција но Општината за него во еден ургентен временски период ги издаде сите дозволи за градба, покриениот базен кој се гради во месноста Суитлак, 50 реновирани улици во вкупна должина од 18 километри, 12 километри водоводи и канализација, а наскоро ќе се започне со реализација на деценискиот сон на штипјани- Брана на река Отиња и нов модерен стадион….

Заменик-градоначалникот Јане Миланов искажа благодарност за доверената функција. (И.Б.)