На Месечината пронајдена е вода од Сонцето


Нова анализа на прашината од Месечината покажа дека одреден дел од водата на нејзината површина можеби доаѓа од Сонцето. Поточно, дека настанала откако месечевата површина била засипана со водородни јони од соларниот ветар, реагирале со минерални оксиди и се врзале со кислород.

Последицата од овој процес се значителни количини вода која би можела да се крие во лунарниот реголит на одредени географски ширини. Ова откритие би можело да помогне во разбирањето на потеклото и дистрибуцијата на вода на Месечината, а може дури да биде релевантно и за нашето сфаќање на потеклото на водата на Земјата, пишува „Сајн алерт“.

Космички дождовни облаци

Иако Месечината изгледа како сува топка прашина, неодамнешните студии покажаа дека таму има многу повеќе вода од што се претпоставуваше до сега. Секако, неа не можеме да ја видиме како кај нас да се бранува во езерата или морињата, затоа што се крие во лунарниот реголит, во кратери кои секогаш се под сенка и во топчиња вулканско стакло.

Тоа, секако, доведува до многу прашања. Колку точно вода има горе? Како таа се дистрибуира? И од каде, до Бога, дошла? На последното прашање веројатно има повеќе одговори. Некои делови од неа стигнале по удар од астероиди, некои од Земјата, а некои од космичките „дождовни облаци“.

Да бидеме искрени, Сонцето не е преполно со влага, но неговиот ветар е добар извор на водородни јони. Геохемичарите Јучен Ксу и Хенг-Чи Тиан од Кинеската академија на науки пронашле докази во примероци кои ги донела мисијата „Чанг-5“, а ја поддржуваат тезата дека соларниот ветар би можел да биде еден од изворите на месечевата вода.

„Ова откритие е од големо значење за идното користење на водените ресурси на Месечината“

Проучувале 17 примероци: 7 оливини, 1 пироксен, 4 плагиоклас и 5 стакла. Се работело за примероци кои, за разлика од оние кои се земени со мисиите „Аполо“ и „Луна“, собрани се од подрачјата од средна географска ширина на Месечината.

Со помош на спектроскопија се проучувал хемискиот состав на тие зрнца и во повеќето од нив се најдени високи концентрации водород (од 1.116 до 2.516 делови на милион) и многу ниски размери на изотопите деутериум и водород.

Овие размери се во согласност со размерите на овие елементи во соларниот ветар, што сугерира дека соларниот ветар наталожил водород на површината на Месечината. Моделот кој се темели на овие наоди укажува на тоа дека поларните подрачја на Месечината може да бидат многу побогати со вода која настанала заради соларниот ветар – информација која би можела да биде многу корисна при идните мисии за истражување на Месечината.

„Ова откриетие е од големо значење за идното користење на водените ресурси на Месечината. Исто така, низ селектирање на честичките и загревање, релативно е лесно да се експлоатира и користи водата која се наоѓа во месечевото тло“, вели хемичарот Јангтинг Лин од Кинеската академија на науките.

Истражувањето се нарекува „Високо изобилство на вода добиена од сончевиот ветер во лунарните почви од средната географска ширина“ (High abundance of solar wind-derived water in lunar soils from the middle latitude) а објавено е во магазинот PNAS.