На Матка стартува 51-то издание на ИКАС и Европскиот куп во спуст на диви води


По повод 51. Илинденски кајак слалом – ИКАС 2019 и Европскиот куп во спуст на диви води – Скопје 2019, Агенцијата за млади и спорт денес организираше прес конференција на која свое излагање имаше директорот на АМС Дарко Каевски, претседателот на КФМ Коста Ефтимов, како и Томислав Црнковиќ-претседател на светската спуст асоцијација.

– Овој викенд Матка и Скопје ќе го соберат врвот на европскиот и светски кајак спорт, кој ќе придонесе за промовирање на природните убавини на Скопје, но и ќе го подигне нивото на кајак спортот и спортот воопшто, изјави Каевски.

Тој додаде дека традицијата на одржување на еден од најстарите спортски манифестации во државата секогаш ќе бидат поддржувани од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Претседателот на кајак федерацијата Коста Ефтимов зборуваше за се поголемиот квалитет на натпреварувачи на ИКАС, потенцирајќи го планот  Матка повторно да ги удостои светската и олимписка кајак елита.

Учество на кајак натпреварите ќе земат 64 натпреварувачи од 10 земји во вкупно шест категории.

Во натпреварите на Европскиот куп во спуст ќе настапат 44 натпреварувачи од седум земји, меѓу кои и голем број од водечките имиња во кајак спортот.

Томислав Црнковиќ-претседател на светската спуст асоција имаше само пофални зборови за организацијата и условите кои Матка ги нуди, потенцирајќи дека е Матка една од најстарите патеки во Европа, и една од водечките кајак патеки во светот.

– Ме радува фактот за напредок на млади кајакари од државава, кои сериозно грабат на европските кајак листи. Одбележувањето на деценија од првото одржување на тренинг кампот на Матка под водство на врвни инструктори меѓу кои и нашиот Атанас Николовски е новина на кои светската кајак федерација не останува имуна, и остава само простор за пофалба, рече Црнковиќ.

Утре ќе се одржат квалификациони трки од 10 часот, а во 13 часот ќе се стартува европскиот куп во спуст.

Неделата е резервирана за полуфинални и финални трки во слалом.