На матичен лекар дознале дека добиле отказ


Работниците да не потпишуваат спогодбени откази, ниту пак празни листови. Првите вакви случаи ги забележавме во странските компнаии, но и во текстилните фабрики, алармираше денеска Кристина Ампева од НВО „Гласен Текстилец“-Штип.

Таа забележува дека ваквите измами и потпишувања на спогодбени откази за работниците ќе значи дека ќе немаат никаква правна помош, а работодавачите ќе можат да ја добијат државната помош, која е дел од мерките за коронавирусот.

Реагирано е и до Трудовиот инспекторат за работнички кои дознале дека се одјавени, откако отишле кај својот матичен лекар, кој им кажал дека немаат здравствено осигурување.

-Најголем дел од работниците не ни знале дека се одјавени, значи тие оделе на работа, а кога одат на доктор гледаат дека немаат здравствено осигурување и дека всушност се одјавени многу поодамна. Најмногу страдаат мајките на деца под 10 години и хронично болните. Такви примери имаме и во Штип, вели Ампева.

Таа побара Владата под итно да побара список од Агенцијата за вработување и да се види точната бројка на вработени во реалниот сектор, а во оние фирми каде ќе се утврдат вакви неправилности да се избришат од листата за државна подршка како дел од мерките за справување со корона вирусот.