На локалните избори во Штип право на глас имаат 41.777, а во Пласница 4.954 гласачи

Државната изборна комисија (ДИК) го заклучи Избирачкиот список за изборите за градоначалник што на 13 декември треба да се одржат во Штип и во Пласница. Во Штип право на глас имаат 41.777 гласачи, додека во Пласница 4.954 гласачи.

– По промените кои се направени ДИК го заклучува Избирачкиот список со следбава состојба: За градоначалник на општина Штип вкупен број на запишани избирачи во Избирачкиот список има 41.777, од нив во изводите од Избирачкиот список за гласање во Општина Штип се запишани 39.605 гласача, во посебниот избирачки список што се однесува на лиџа кои се на привремен престој или работа во странство се запишани 2103 лица, во посебниот избирачки список кои се во затвор или во притвор се запишани 67 граѓани и лица згрижени во домови за вонсемејна заштита се двајца гласачи, изјави потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху.

Во Пласница право на глас имаат 4.954 гласачи, од нив во странство се запишани 372 и еден гласач е во затвор или притвор.

ДИК на седницата го усвои Упатството за гласање на избирачки места со помалку од десет гласачи. Од вкупно 89 избирачки места во Штип и Пласница во четири избирачки места има помалку од десет избирачи. Овие лица ќе можат да гласаат на најблиското избирачко место.

Утре почнува изборната кампања за локалните избори во Штип и Пласница, што треба да се одржат во најспецифични услови досега имајќи ја предвид состојбата со Ковид-19. Изборите се на 13 декември, а два дена претходно треба да гласаат лицата со Ковид-19.