На Левица не ѝ чини Јаким Неделков
За Левица било скандалозно што претседателот на СОНК по разговорите со претставниците на Владата даде изјава дека е договорено зголемување на платите од 12 отсто и дека тоа треба да оди на одобрување кај членовите на синдикатот. Таквото однесување на Јаким Неделков, според Левица, било „скандалозно“.
„Наставниците се длабоко разочарани, откако бомбастично беше најавено процентуално зголемување на платите на воспитно-образовните работници. Претседателот на СОНК, синдикат кој доби масовна поддршка од сите вработени, па дури и од тие над 45% кои не се членови на СОНК, искажа задоволство од постигнатиот договор, а согласноста на штрајкувачите ја претстави како формалност. Ваквата изјава е во најмала рака скандалозна“, вели во своето соопштение Левица.
Од партијата велат дека социјалниот дијалог не смее да се сведе на ценкање и натегање, туку да обезбеди правично и соодветно вреднување на трудот! „Поради ова, претпладнево над 90% од штрајкувачите се изјаснија за отфрлање на предлогот и продолжување на штрајкот. Дел од вработените своето незадоволство го искажаа со протести пред зградата на СОНК, против прифатениот предлог од страна на претседателот Неделков“, вели Левица.