На конститутивната владина седница определени замениците на премиерот и претседатели и членови на комисии


Фото: Б. Грданоски

На конститутивната владина седница за заменици на претседателот на Владата беа определени Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците, кој ќе биде и прв заменик претседател на Владата, Љупчо Николовски заменик претседател за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Фатмир Битиќи за заменик претседател на Владата за економски прашања и за координација со економските ресори и Никола Димитров за заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања.

Именувани се и претседателите и членови на основните комисии на Владата на Република Северна Македонија.

Од владината прес-служба информираа дека за претседател на Комисијата за економски систем и тековна економска политика е именуван заменик претседателот на Владата за економски прашања и за координација со економските ресори Фатмир Битиќи, а со комисијата ќе копретседава и министерот за финансии Фатмир Бесими.

За претседател на Комисијата за политички систем е именуван министерот за политички систем и односи меѓу заедниците и прв вицепремиер на Владата, Артан Груби, а за претседател на Комисијата за човечки ресурси е именуван Љупчо Николовски, заменик претседател за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси. 

Претседателот на Владата Зоран Заев на денешната прва, конститутивна седница, им го честиташе изборот на членовите на Владата и им посака успех во реализацијата на Програмата за работа на Владата во периодот од 2020 до 2024 година.