На Клинички има и каде да се молиш, само нема каде да се паркираш


Само натписите „џамија“ на македонски, албански, турски и арапски јазик на четирите прозорци од бараката каде што е сместена амбулантата за ендокринологија означуваат дека мал дел од објектот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е пренаменет за верски обреди. Други видливи знаци или патокази нема, па малкумина од болните или од луѓето што доаѓаат да ги посетат знаат оти веќе неколку години имаат можност да се помолат за здравје во дворот од болницата.

„Не е тоа класична џамија, туку месџид. Тоа е мало место каде што се вршат обреди и затоа нема минаре или други карактеристични делови за џамија. Најважно е верниците да имаат каде да се помолат и од тој аспект сме задоволни“, вели скопскиот муфтија Кенан Исмаили.

За малиот верски објект се грижат десетина доктори и помошен персонал во Клиничкиот центар. Сега се рамазанските пости, па и бројот на посетители е поголем од вообичаеното.

„Тука доаѓаат луѓе што имаат мака, сериозно болни, помалку болни… И тие, а и луѓето што им доаѓаат во посета, се молат да оздрават“, коментираат посетителите.

Скопскиот муфтија вели дека сега засега овој објект ги исполнува барањата на верниците, иако постои иницијатива за проширување.

„Не сакаме да даваме повод да нè обвинат дека се шириме или дека ги загрозуваме правата на верниците од другите религии, па затоа немаме во план проширување на објектот. Можеби еден ден, кога ќе се изгради новиот Клинички центар, таму да размислуваме за поголема џамија“, порачува Исмаили.

Педесетина метри подолу, на излезот од долната страна во Клиничкиот центар, изградена е и мала црква. И тука верниците можат да дојдат и да запалат свеќа за здравје за блиските, да побараат мир и утеха, сила за искушенијата. Просторот околу црквата е убаво среден, чист и простран, зад неа води пешачката патека, покрај тревата има клупи за починка.

Меѓу црквата и џамијата е паркингот што ни од далеку не ги исполнува барањата на посетителите. Иако плаќањето е задолжително, често се случува, особено во тајминзите за посета на блиските, воопшто да нема место за паркирање. Поради тоа, се создаваат редици од автомобили кон и од излезите. Возилата се заглавени, не можат да мрднат ниту напред ниту назад што предизвикува огромна нервоза кај патниците. Трубења со свирките, пцости и вербални закани, а некогаш и физички пресметки се секојдневие во просторот каде што треба да царува редот за да им се овозможи спокој на болните.

„Ниту ние што возиме Брза помош не успеваме да се пробиеме во метежот, тоа е голем стрес што го преживуваме при секоја тура, кога секоја секунда ни е важна за животот на пациентот“, велат од Итната помош.

И оваа влада вети дека ќе го реши проблемот со тоа што ќе изгради катни гаражи. Тие треба да никнат зад црквата. Минатата недела беше усвоена прелог-одлуката за почнување постапка за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба на две катни гаражи. Според замислата, приватниот партнер ќе биде одговорен за финансирање на дизајнот, изградбата на објектите, нивното опремување и одржувањето на двете катни гаражи, при што, секако, наплатата за паркирање ќе ја задржат.

Од друга страна, Владата не се откажува од идејата за нов Клинички центар во Ѓорче Петров, при што министерствата за финансии и за здравство се задолжени да подготват оглас за барање заем од финансиски институции, билатерални кредитори или странски комерцијални банки. Предвиден е интегриран објект до пет ката, со околу 102.000 квадратни метри површина, а допрва ќе се открива колку би чинел и кога би бил готов. 

Горан Адамовски