На Кипар 70 отсто од новите случаи на Коивид-19 во изминатите две седмици се во внатрешноста на земјата

Од 119 позитивни случаи на Ковид-19 регистрирани на Кипар во периодот од 20 јули до 3 август, само 27 се „увезени“, односно кај лица кои од странство влегле во земјата, додека пак 84 случаи или 70,6 отсто се во внатрешноста, јави дописничката на МИА од Атина.

Според податоците од Министерството за здравство на Кипар, за две седмици на островот пристигнале 27 лица заразени со коронавирусот, од кои 26 биле кипарски државјани, а само еден турист.

-Од досега регистрираните официјални податоци, јасно се гледа дека порастот на случаи што се забележува во последните неколку седмици главно се должи на ширењето на коронавирусот меѓу граѓаните кои не патувале, соопштуваат од Министерството за здравство на Кипар.

Во изминатите денови на Кипар е регистриран зголемен број случаи на Ковид-19, вчера беа соопштени 15 нови случаи, со што бројот на заболени од почетокот на епидемијата се зголеми на 1.195 лица.