На Ким Џонг-ун му беше трн во око: Во Пјонгјанг урнат познатиот споменик симбол на врската со Јужна Кореја


По наредба на лидерот Ким Џонг-ун, Северна Кореја урна споменик во главниот град што ја симболизира целта за помирување со Јужна Кореја. Минатата недела Ким Џонг-ун ја нарече Јужна Кореја „главен непријател“ и изјави дека обединувањето повеќе не е можно.

Сателитските фотографии од Пјонгјанг во вторникот покажаа дека споменикот (неофицијално Арката на славата – повторно обединување) завршен по значајниот меѓукорејски самит во 2000 година повеќе не е таму. Ова го објави NK News, која ја следи Северна Кореја.

Споменикот на Повелбата за три точки на национално обединување, изработен од мермер, бил висок 30 метри и, според евиденцијата на јужнокорејската влада, ги симболизирал трите повелби – независност, мир и национална соработка.

Во говорот во Врховното национално собрание на 15 јануари, Ким го нарече споменикот „трн во око“. Тој, исто така, нареди уставен амандман со што Јужна Кореја ќе стане „главен и непроменлив непријател“ на Северна Кореја.

Тензиите на Корејскиот полуостров неодамна се зголемија. На југ, воените маневри на јужнокорејската и американската армија се интензивираа како одговор на тестовите на оружје на северот. НДР Кореја исто така најави дека се подготвува за „нуклеарна војна“ со своите непријатели.

Јужнокорејскиот претседател Џун Сок-јол, кој ја презема функцијата во 2022 година, зазеде остра линија кон Северна Кореја, повикувајќи на итен и остар одговор на воените дејствија на Северна Кореја кои ги зголемија тензиите на Корејскиот Полуостров.

Северна Кореја вети дека ќе ја „збрише“ Јужна Кореја во случај на напад од јужнокорејските и американските сили. Кон крајот на минатата година, Пјонгјанг го прогласи за неважечки клучниот договор потпишан со Јужна Кореја во 2018 година, со цел да се смират воените тензии.

По минатонеделниот говор на Ким, Врховното народно собрание ги укина клучните владини канцеларии посветени на соработката со Сеул.