На Катица ќе ѝ кажат „чао“ по празникот

Како за ретко кое прашање досега, партиите и од власта и од опозицијата се сложни да ја разрешат Катица Јанева од функцијата прв човек на Специјалното јавно обвинителство. Првиот филтер вчера беше поминат за помалку од еден час, без ниту една дискусија, а конечниот ќе биде одработен веднаш после празникот на независноста. Дотогаш, партиите ќе продолжат да преговараат за новиот закон за обвинителство, со што треба да ѝ биде одреден наследник на притворената обвинителка. Во спротивно, за предметите на СЈО ќе се бара заобиколен пат.
Собраниската комисија за избори и именувања вчера, сепак, одржа состанок зад затворени врати. Претседателот Илија Димовски рече дека останува на ставот оти добро би било сите да ги слушнат деталите за истрагата за „Рекет“, но беше почитуван ставот на Советот на обвинители, според кого, во извештајот за „нестручното, незаконско и несовесно“ работење на Јанева има информации од доверлив карактер и материјали што не смеат да бидат декласифицирани. Тој, на одреден начин најави протекување на детали од извештајот, велејќи дека јавноста во следните денови на еден или на друг начин ќе ги дознава клучните информации.
„Го видов извештајот и во него има многу детали“, тврдеше Димовски пред почетокот на седницата.


Во комисијата членуваат 13 пратеници (по шест од власта и од ВМРО-ДПМНЕ, како и еден од Беса), при што десет од нив ги имаат потребните безбедносни сертификати за да разгледуваат информации од доверлив карактер. Останатите беа претставувани од нивните заменици. Седницата траеше само неколку минути, на пратениците како да не им беше интересно да реплицираат кога не ги гледа никој, а и сите имаа идентичен став – Јанева да биде разрешена.
„Комисијата без дискусија со едногласна одлука го утврди предлогот до Собранието за разрешување на Јанева. На седницата имаше пратеници од најголемиот дел политички партии. Оние што имаа право на глас – гласаа без исклучок. Едногласна е одлуката донесена со 13 гласа, а ниту една политичка партија не се произнесе негативно за ваквиот предлог. Очекувам дека и во постапката на пленарната седница ќе се повтори таквиот резултат на гласање“, истакна Димовски по завршувањето на седницата.
Тоа го потврди и Мухамед Зекири од СДСМ, кој, сепак, демантираше дека во извештајот од Советот за обвинители имало многу интересни детали, како што рече неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ.

„Чекаме од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ја свика пленарната седница за гласање по заклучокот. И ние како партија жалиме што не беше отворена за јавност, но не треба да бидете загрижени дека има ‘не знам што’ во извештајот. Се надеваме дека многу брзо ќе почне судскиот процес и ќе се расчисти маглата околу овој случај“, изјави потпретседателот на СДСМ.
Заклучокот на комисијата оди кај Џафери, кој треба да свика пленарна седница за разрешувањето на Јанева. На неа нема да се расправа за извештајот на Советот на Обвинители, туку само за предлогот за разрешување. Одлуката се носи со двотретинско и Бадентерово мнозинство, а на крајот треба да ја потврди и Советот на обвинители.
Според информации од кабинетот на Џафери, седницата ќе биде закажана веднаш по празникот. Според досегашните најави за среда, 10 септември, е закажана седница на Собранието за новиот закон за обвинителството. Прашање е дали точката за Јанева ќе се најде на таа седница или можеби седница ќе биде закажана за вторник. Според најавите, и таа седница ќе оди бргу, иако ќе биде отворена за јавноста. Директно ќе се оди на гласање. Ако се суди според расположението во матичната комисија, Јанева ќе биде разрешена едногласно или со огромно мнозинство.
Разрешувањето ќе биде на само неколку дена пред истекувањето на мандатот на Јанева на 15 септември. Пратениците ќе ја разрешат врз основа на извештајот на Советот напишан на десетина страници и без судска пресуда.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски