На капетанот на „Викинг“ му е одреден едномесечен притвор
Судија во Унгарија денеска му одреди притвор на капетанот на крузерот „Викинг“ кој учествуваше во судирот со туристичкиот брод на Дунав во центарот на Будимпешта, при што загинаа најмалку седум јужнокорејски државјани.
Судијата на 64-годишниот капетан, државјанин на Украина, му одреди притвор од 30 дена, но соопшти дека капетанот може да биде пуштен со кауција од 50 илјади долари, под услов да носи апарат за следење и да остане во Будимпешта. Сепак, тужителите поднеле жалба на таа одлука и капетанот останува зад решетки додека судот не донесе одлука за жалбата.
Адвокатите на капетанот, кој е во притвор од четвртокот, тврдат дека нивниот клиент не направил ниту една грешка.
Адвокатот Габор Ело изјави дека нема основ неговиот клиент да биде осумничен, истакнувајќи дека барањето на обвинителот за негово апсење било мотивирано само со фактот дека капетанот е украински државјанин.
Крузерот „Викинг“ во средата вечер во Будимпешта се судри со помал туристички брод на кој имало 35 луѓе, воглавно јужнокорејски туристи.
Спасени се седум луѓе, а 21 лице се водат како исчезнати.