На каква конференција се Милошоски и Битиќи во Тајван

Двајцата пратеници се копретседавачи од Македонија во Интерпарламентарната алијанса за Кина. На собирот во Тајпеј и Тајван официјално се приклучи на оваа меѓународна организација


Средба на странските пратеници со тајванскиот претседател Лаи Чинг-те

 

Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те денеска ја поздрави, како што рече, „најголемата досега“ делегација на странски пратеници во Тајван и рече дека тоа ја покажува важноста на обединувањето на демократијата, иако Пекинг вршеше притисок врз повеќе членови на делегацијата да не го посетат островот.

„Ова ја покажува поддршката и вредноста што разни други земји му ја даваат на Тајван“, рече Лаи. „Тоа исто така испраќа важна порака до демократските земји ширум светот. Одржувањето на демократијата бара единство и ние мора заедно да ја заштитиме демократијата“, објави АП.

Лаи ги даде своите забелешки на конференцијата во Тајпеј што ја одржа Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК), група од стотици пратеници од десетици земји загрижени за тоа како демократиите му пристапуваат на Пекинг.

ИПАК денеска објави дека Тајван официјално стана членка на алијансата. Лук де Пулфорд, извршниот директор на ИПАК, го објави ова за време на прес-конференција во Тајпеј и откри дека двајца пратеници од владејачката и опозициската партија ќе бидат копретседавачи на тајванскиот парламент во алијансата.

Секој законодавен дом во рамките на ИПАК е предводен од двајца копретседавачи, кои се високи политичари од идеолошки различни политички партии, според официјалната веб-страница на ИПАК.

На четвртиот годишен состанок на ИПАК присуствуваат 49 политичари од 24 земји. Меѓу нив се и двајца пратеници од македонското Собрание: Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Фатмир Битиќи од СДСМ.

И двајцата пратеници патуваа по функција во Тајпеј. Милошоски и Битиќи се копретседавачи од Македонија во ИПАК. Мнозинството копретседавачи и членови на ИПАК се од Европа, има десетина и повеќе од регионов, но има далеку повеќе од Велика Британија, Германија, Франција, Швајцарија, Австралија, Канада…

Членовите на ИПАК за време на дебатата во Тајпеј

Основан во 2020 година, ИПАК има за цел да се фокусира и да ги реформира политиките на земјите кон Народна Република Кина. Според она што го пишува на официјалната веб-страница на организацијата ИПАК е проект за пратеници, од пратеници. „ИПАК ги обединува законодавците ширум светот, промовирајќи ја демократијата и справувајќи се со заканите за системите засновани на правила и за човековите права предизвикани од подемот на Кина“.

Пекинг ја гледа самоуправната островска демократија на Тајван како дел од својата територија и ги зголемува своите закани дека ќе ја припои со сила доколку е потребно. Партијата на Лаи, Демократската прогресивна партија, не бара независност од Кина, бидејќи тој верува оти Тајван е веќе суверена држава.

Пекинг го гледа тајванскиот претседател Лаи како сепаратист и одбива да разговара со него. Кина го засили притисокот врз островот откако Лаи ја презеде функцијата во мај, испраќајќи бродови и авиони на голема воена вежба за да покаже незадоволство на неговата инаугурација.

Лаи на конференцијата рече дека Тајван ќе работи со другите демократии за да ја заштити демократијата од „заканата од авторитарен експанзионизам“.

„Заканата на Кина за која било земја е закана за целиот свет“, им рече Лаи на присутните. Кина „користи дипломатско киднапирање, економска принуда, интернет напади и ширење лажни вести за постојано да ги меша работите и да се обиде да го поткопа регионалниот мир и стабилност“.

Пратениците од најмалку шест земји изјавија за Асошиетед прес претходно оваа недела дека кинеските дипломати ги притискале да не присуствуваат на конференцијата. Таква информација сподели и Милошоски. ИПАК долго време беше презрен од кинеската влада: некои членови беа санкционирани од Пекинг, а во 2021 година групата беше цел на хакери спонзорирани од Кина, според обвинението на САД.

Но, групата продолжува да се шири. Во вторникот, водачите на ИПАК објавија дека пратениците од шест нови земји се приклучуваат на алијансата.

Во писмената изјава, кинеското Министерство за надворешни работи рече дека ИПАК „воопшто нема кредибилитет“ и го повтори својот став дека Тајван е дел од кинеска територија.

„Кина цврсто се противи на каква било форма на официјална размена меѓу земјите со дипломатски врски со Кина и тајванските власти“, се вели во соопштението.

Пекинг ги спречува земјите со кои има дипломатски односи да имаат формални врски со Тајпеј. Пацифичката островска држава Науру на почетокот од година се префрли на Пекинг и ги раскина односите со Тајпеј, со што бројот дипломатските сојузници на Тајван се намали на само 12. (Н.В.)