На Истра почина четиригодишно дете оставено во автомобил
Четиригодишно девојче, кое нејзиниот татко го оставил во затворен автомобил на висока температура во Ровињско Село на полуостровот Истра во Хрватска, почина во болница во Риека, потврди истарската полиција.
Според порталот „Истра ин“, девојчето починало од последици од топлотен шок и дехидрација, поради што нејзините витални органи биле оштетени.
Таткото го оставил заспаното девојче во автомобилот за да не го буди, но притоа не ја вклучил климата. Тој ги затворил сите прозорци за прашината од блиското градилиште да не влегува во автомобилот.
Девојчето без свест било пронајдено во автомобилот од страна на работниците на градилиштето.
Полицијата поднесе кривична пријава против 33-годишен татко.