На инфективните оддели има 126 пациенти со Ковид-19, изминатото деноноќие нема нови хоспитализирани


Вкупно 126 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови. Има околу 500 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје нема хоспитализирани нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 46 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.

Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 80 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.

Во последното деноноќие, во Скопје на Институтот за ТБЦ немало приеми. Приеми немало ниту во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома е пуштен еден оздравен пациент.

Во ковид – центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат седум пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 14 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 25
пациенти.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 10 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани девет пациенти. На инфективното одделение во Тетово има двајца пациенти, во Велес се лекуваат 10 болни, а во Куманово 15 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирани пет пациенти, во Прилеп честири, во ковид – центарот во Гостивар девет, а во Струга пет болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се девет пациенти, во Кичево двајца, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирани позитивни и суспектни на коронавирусот.

Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.