На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 613 пациенти, слободни кревети има


Фото: Б. Грданоски
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 613 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, а слободни кревети има, информираат од Министерството за здравство.
 
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 53 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 58 пациенти. На  инфективното одделение во Тетово има 35 пациенти, во Велес се лекуваат 30 болни, а во Куманово 89 пациенти позитивни и суспектни  на КОВИД 19.
 
Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 65 пациенти, во Прилеп 80 во ковид центарот во Гостивар 38, а во Струга 38 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 64 пациенти, во Кочани 39 во Кичево 20, Кавадарци 20,  во  Гевгелија 18 лица, а во Дебар 5 позитивни  и суспектни на корона вирусот.
 
Од Министерството посочуваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
 
– Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1072 и има околу 300 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла, информираат од Министерството за здравство.
 
Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.