На гробиштата во Бутел – Бисти на херои украдени и продадени како старо железо


На гробот уредно напишано име и презиме на починатиот, година на раѓање и на смрт, некаде и чинот што го имал за време на Втората светска војна и задолжителната петокрака што сугерира дека станува збор за борец од НОБ. Потоа исправен постамент. И толку. Бистата на починатиот јунак ја нема. Украдена е, продадена, стопена како старо железо.

Ваква е сликата на дел од гробовите во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел. Блиските на починатите се жалат дека кражбите на вечните живеалишта на нивните сакани се честа појава. За жал, како што велат, ниту сатисфакцијата што можеби крадците подоцна ќе бидат фатени не им помага, затоа што бистите речиси никогаш не се враќаат на постаментот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека последната пријава за кражба на биста од гробиштата во Бутел ја добиле во средата околу 12 часот. Семејството на починатиот пријавило во полициската станица во Чаир дека непријатно се изненадиле кога дошле на гробиштата и забележале оти е украдена бистата на нивниот близок. Тие признале дека претходно последен пат на гробот биле на 10 јули, така што невозможно е да се утврди кога точно е извршена кражбата.

Од почетокот на годината, заклучно до јули, евидентирани се 13 кривични дела: тешка кражба на бисти од гробиштата во Бутел“, информираат од полицијата.

Алејата на великаните е кај вториот влез од гробиштата. Само стотина метри од нив е сместена куќичката на обезбедувањето. Вработените што ги затекнавме при нашата посета велат дека најголемата кражба на бисти се случила пред неколку недели.

Сторителите веднаш ги фати полицијата. Против нив беа поднесени кривични пријави“, тврдат вработените.

Но тие немаат одговор како е можно некој да им влегува на гробишта и да ги краде бистите кога таму има, или треба да има, 24-часовно обезбедување.

Кражбите, веројатно се случуваат во вечерните часови кога не се гледа ништо. Обезбедувањето седи во куќарката, а арамиите, кои веројатно живеат во околина, добро го познаваат теренот и работат бргу. Сепак, чудно е како во таа мртва тишина ноќе да не се чуе кога се вадат бистите од постаментот. Работа на полицијата е да открива евентуална поврзаност на крадците со луѓе од внатре“, коментираат работници што ги уредуваат гробиштата.

И од АД „Бутел“ велат дека последната голема кражба е расчистена, а сторителите санкционирани.

Претпоставка е дека бистите, кои најчесто се од бронза, подоцна се препродаваат, оти зошто инаку некому би користеле. Што се однесува до нас, веднаш штом ќе забележиме кражба или оштетување на гробиштата ги известуваме блиските на починатите, а и полицијата“, тврдат во претпријатието.

Оттаму велат дека нивното обезбедување редовно патролира низ гробиштата распространети на 90 квадратни метри и изградена е висока бетонска ограда. Гробиштата се затворени од сите страни со жица, но крадците сепак се снаоѓаат, влегуваат и оперираат.

Од кражба на бисти не се поштедени ниту другите гробишта низ земјава, па и парковите каде што се поставени паметници за незнајни и познати јунаци. Арамиите подоцна го носат пленот на пунктовите за откуп на старо железо. Покрај нив, се крадеа и се крадат капаци од шахти, сообраќајни знаци, па дури и банкини. На црниот пазар еден килограм старо железо се откупува за десет денари по килограм.

Пред неколку години државата го измени Законот за управување со отпад со што депониите мора да бидат надвор од населено место, да бидат оградени, да имаат над илјада квадратни метри, а дел од површината да им биде покриена. Од друга страна, индивидуалните собирачи кои на годишно ниво можат да продаваат метали или отпад до 30.000 денари, а доколку ја надминат сумата ќе треба да се регистрираат како трговци-поединци или како правни лица, а инспекторите може да влезат во приватни дворови, да на прават контрола и да ја конфискуваат стоката која сметаат дека е нелегална. Институциите тврдат дека преку овие мерки, успеале да го намалат неконтролираниот откуп на старо железо. Тој, сепак, функционира и натаму, со што и кражбите на бисти продолжуваат да бидат редовна појава.

Горан Адамовски