На Гренланд има се повеќе вегетација и мочуришта – опасно е за целиот свет


Областа на Гренланд каде мразот се стопи во последните 30 години е речиси 36 пати поголема од Њујорк. Најновите истражувања утврдиле дека на тој простор брзо се формира вегетација и мочуришта.

Количината на вегетација на Гренланд се удвои во периодот од 80-тите години на минатиот век до 2010 година. Бројот на мочуриштата во тој период се зголеми за четири пати. Научниците со анализа на сателитски снимки утврдиле дека Гренланд изгубил 28.707 квадратни километри мраз во последните 30 години и предупредија дека тоа може да има сериозни последици.

Зголемувањето на температурата на воздухот предизвика топење на мразот, што резултираше со топење на вечниот мраз – замрзнатиот слој веднаш под површината на Земјата, кој се наоѓа во поголемиот дел од Арктикот. Ова топење ослободува јаглерод диоксид и метан, кои ја загреваат планетата, што дополнително придонесува за глобалното затоплување. Покрај тоа, топењето на вечниот мраз предизвикува нестабилност на почвата, што може да влијае на инфраструктурата.

„Видовме дека губењето на мразот предизвикува други реакции што може да резултираат со континуирано губење на мразот и континуирано „позеленување“ на Гренланд, каде што топењето на мразот открива карпа која е колонизирана од тундра, а потоа и од вегетација. Во исто време , водата, која се ослободува од мразот, придвижува талог и тиња, со што се создаваат мочуришта“, истакна Џонатан Каривик, еден од авторите на извештајот за споменатиот проблем.

Губењето на мразот го создава она што е познато како јамка за повратни информации. Имено, снегот и мразот ја рефлектираат енергијата на Сонцето назад во вселената, спречувајќи прекумерно загревање во делови од Земјата. Меѓутоа, како што мразот исчезнува, овие области апсорбираат повеќе од енергијата на Сонцето, зголемувајќи ја температурата на површината на планетата, што може да предизвика континуирано топење на мразот и други негативни влијанија.

Понатаму, топењето на мразот ја зголемува количината на вода во езерата, а оваа вода апсорбира повеќе топлина од снегот, што исто така ја зголемува температурата на површината на земјата.

Гренланд се загрева двојно повеќе од просечната глобална температура од 1970-тите, а истражувачите предупредуваат на можни екстремни температури во иднина.

Гренланд е најголемиот остров во светот и претежно е покриен со мраз и глечери. На островот, кој е автономен дел на Данска, живеат 57.000 луѓе. Главно се работи за домородното население кое преживува потпирајќи се на природниот екосистем, пренесува Си-ен-ен.