На Грција и се заканува четврт бран на Ковид 19


Сојот  Делта на корона вирусот предизвикува загриженост во Грција дека престои можен четврти бран на пандемија, изјави Марија Теодориду, шеф на Националниот комитет за вакцинација.

За време на брифингот за медиуми за ширењето на вирусот, таа рече дека ако има четврти бран, тоа ќе доведе до помалку хоспитализации и смртни случаи и ќе влијае на „само невакцинираните граѓани“.

Варијантата Делта, најпрво идентификувана во Индија, е најзаразната до сега. Се шири многу побрзо од вирусите пронајдени во Велика Британија и станува доминантна во САД, Португалија, Германија, Франција и Шпанија. Теодориду рече дека вакцината Pfizer / BioNTech нуди 86% заштита од овој сој, а вакцината AstraZeneca 66%.

До денес, Грција целосно вакцинирала 31% од своите граѓани (повеќе од 3 милиони луѓе), додека 43% примиле барем една доза вакцина против коронавирус (повеќе од 4.550.000 граѓани).