На грчкиот министер за одбрана не му се допаѓа Преспанскиот договор, ама сака да го штити македонското небо


Грчкиот министер за одбрана Никос Панајотопулос во интервју за весникот „Катимерини“ вели дека договорот за соработка во одбраната и не е толку лош колку што има негативни страни Преспанскиот договор.

Во однос на интересот на Бугарија да се вклучи во надгледување на македонското небо, тој вели дека земјата ги нема потребните ресурси за надгледување на воздушниот простор на Македонија.

Тој инсистираше на тоа дека шефовите на генералштабовите на Грција и Македонија треба да потпишат ваков договор за воздушен простор, кој е неопходен во овој момент и е во националниот интерес на Атина.

На прашањето дали има договор за надгледување на воздушниот простор на Македонија и стандардизација на армијата, Панајотопулос одговори дека овие прашања се договараат помеѓу воените раководства на двете држави. Тој го повтори ставот на владата на Нова демократија за договорот од Преспа, но додаде дека надзорот на воздушниот простор е „во интерес на Грција“.

„Договорот за соработка во одбраната е резултат на Договорот од Преспа. Резултат што не е толку негативен како и негативните аспекти на овој договор. Во овој контекст, ќе се потпише договор меѓу шефовите на генералштабовите за воздушниот простор на Скопје. Мислам дека е во интерес на нашата земја, затоа што ако тоа не се случи, ќе им овозможи на други земји, главно Турција, која изрази интерес, но можеби и Бугарија, која исто така изрази интерес, но без воопшто ги има потребните ресурси. Затоа, во овој момент е императив да се потпише договор за мониторинг на воздушниот простор со Скопје бидејќи тоа е во национален интерес“, изјави Панајотопулос за грчкиот весник.

На 2 април, за време на посетата на Македонија на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас и министрите на неговата влада, беа потпишани билатерални договори меѓу македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска и тогашниот министер за национална одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис.