На граничните премини лани патниците пријавиле 11,9 милиони евра


Фото: Б. Грданоски

Царинската управа лани поднесла 44 кривични пријави против 55 физички и 15 правни лица, најголем број за шверцување, како и за промет со наркотици, фалсификување документи, права од интелектуална сопственост и даночна измама. Царинската лабораторија обработила 81 мостра и утврдила во 13 случаи несоодветно тарифно распоредување, по што наплатила дополнително 8,8 милиони денари.

Кај оружјето, лани Царината запленила 4 воздушни пушки, 2 пригушувачи и 3 дијаболи за нив, скриени во резервна гума и под патосница во македонски автомобил, како и еден гасен пиштол и 50 парчиња муниција за него, во друг случај. Цариниците одзеле 735 шишиња алкохол, 4.200 килограми пилешки стек, 30,6 килограми охридска пастрмка, во обиди за шверц.

Сумираните податоци во годишниот извештај за работењето на Управата во 2018, покажуваат дека минатата година на граничните премини на државата, патниците пријавиле 11,9 милиони евра, повеќето на влез во државата. Во просек, се пријавувале по околу еден милион евра месечно. Покрај регуларно пријавените девизи, царинските службеници во 2018 спречиле 32 обиди за нелегално пренесување на 308.730 евра, 31.500 американски долари, 32.300 швајцарски франци и 13.000 британски фунти. Од нив, 80.000 евра беа откриени на аеродромот Скопје при контрола на македонски државјанин што патувал за Истанбул. 35.000 евра биле одземени од грчки државјанин кој пристигнал на Табановце во мај 2018.

На скопскиот аеродром биле фатени 34.500 таблети од лекот „тамол“ (за болка), а во текот на минатата години биле спречени обиди за шверц на 300 инсулински пенкала, 500 анестезии и 3.970 парчиња стоматолошки инструменти.

Царинската управа ја оценува 2018 како многу продуктивна година. Во обиди за трговија со наркотични средства, лани во 16 акции биле запленети над 1 тон марихуана, 9 кг хашиш, околу 3 кг кокаин и 15 грама хероин.

Во Царината работат 1.119 лица, од кои три се доктори на науки. (А.С.)

Фото:Б. Грданоски