На ГП Белановце-Станчиќ за два и пол месеци поминале 50.000 патници

Претседателот на Владата Оливер Спасовски и дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска денеска остварија работна посета на граничниот премин Белановце – Станчиќ. За само два и пол месеци на овој премин поминале речиси 50.000 патници, што ја покажува оправданоста од неговото отворање. Преминот кој беше отворен на 31 јануари годинава работеше до 14 март и поради пандемијата се уше е затворен.
Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски вели дека преминот само ги зајакнува добрите односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово.
-Граничниот премин Белановце – Станчиќ, во Општина Липково, беше успешна завршница и доказ за добрата волја и за исполнување на интересите на граѓаните од двете страни на границата на овој регион. Многу бргу граничниот премин ја потврди својата оправданост зашто во огромна мерка ја подобри меѓусебната комуникацијата на граѓаните на општините Липково и Гњилане. Преминот го олесни поврзувањето за развој на бизнис врските и за економски напредок на локалните заедници во овој регион каде што се поврзуваат Северна Македонија и Косово. За само два ипол месеци, односно од 31 јануари до 14 март годинава преку граничниот премин регистриран е влез и излез на вкупно 47.020 патници, што говори за исклучително оправдани причини за потребата од официјален граничен премин на овој дел од границата, потенцираше премиерот Спасовски.
И покрај пандемијата, информира Спасовски, полициската станица за гранични проверки и граничен надзор спречила обид за шверц на поголема количина ресивери, открила лице барано за издржување на затворска казна, спречила обид за нелегално минување на државната граница на шест лица државјани на Северна Македонија, од кои две лица се спроведени во државен карантин и спречила обид за пренесување на 33 лица илегални мигранти.

Тој ги повика граѓаните доследно да ги почитуваат мерките за да им помогнат на оние кои се во првата борбена линија кои се справуваат со закани по безбедноста и здравјето, здравствените, полициските работници, припадниците на Армијата и на овој начин граѓаните ќе овозможат функционални институции. Животот треба да продолжи во нова нормалност, вели Спасовски и нагласува дека суштински треба да се прилагодат политиките за обезбедување на почнатиот раст во повеќе области.

-Општина Липково е една од општините која предничи во однос на бројот на проекти од интерес за граѓаните реализирани со поддршка на Владата. Од двата поголеми и реализирани патни правци се патот по кој дојдовме до овој граничен премин, односно потегот од Опае до Белановце, односно до граничниот премин, како и рехабилитација на регионалниот пат Матејче-Липково, во вкупна вредност од 6,1 милиони евра-вели Спасовски. Тој потсети на дванаесет реализирани проекти за што се одвоени 102 милиони денари кои се однесуваат на проекти од животна средина, канализација, училиште, улици потенцирајќи дека се одвоени средства за изградба, адаптација, доградба или надградба на простор за детска градинка во Липково и за градежно занаетчиски работи за реконструкција и реновирање на дневниот центар за лица со посебни потреби во село Оризаре Општина Липково. Како дел од североисточниот регион Липково има придобивки и од изградба на бројни патни правци кои овозможуваат побрз економски развој, додава Спасовски. Тој потсети на изградбата на Куманово – Свети Николе, Куманово – Никуштак, Куманово – Опае – Слупчане – Белановце кои се целосно реконструирани, Куманово – Крива Паланка, регионалниот пат од село Војник до Страцин и делницата на Коридорот 8 што ги поврзува Куманово – Страцин – Крива Паланка – граничен премин Деве Баир.

Дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска истакна дека е поминат важен период на реформско структурирање на институцијата и поставени се темелите за натамошно развивање, растење, унапредување на сите нивоа на полициското и безбедносното работење, согласно сугестиите на меѓународни партнери од НАТО и ЕУ и на барањата на граѓаните.