На Германија без сезонски работници ѝ се заканува недостиг од овошје и зеленчук


На Германија ѝ се заканува недостиг од овошје и зеленчук поради забраната за влез на сезонски работници, а германското Министерство за земјоделство денеска соопшти дека бара начин како на работниците од источниот дел на Европа да им се дозволи да дојдат на работа во земјата.

– Ние не можеме без сезонските работници. Водам разговори со министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер за да најдеме решение за овој проблем, истакна германската министерка за земјоделство Јулија Кликнер.

Зехофер минатата недела, согласно мерките за спречување на ширењето на новиот коронавирус, забрани влез во Германија за сезонските работници од источниот дел на Европа, пред се од Романија, Бугарија и Полска.

Министерката објасни дека разговарала со Зехофер во врска со „усогласување на целите“ за заштита на населението од зараза, од една страна, и обезбедување на бербата, од друга страна. Таа истакна дека во наоѓањето решение е вклучен и епидемиолошкиот Институт „Роберт Кох“, со цел да се осигура дека сезонските работници не придонесуваат за ширење на заразата.