На филхармоничарите што протестираа со жолти ленти – им ја блокирале сметката


Сметката на  Македонската филхармонија била блокирана од страна на Министерството за култура, објави денес денеска Владимир Лазаревски, прв обоист и претседател на синдикатот. Оркестарот повторно одржа мирен протест пред Министерството бидејќи се уште немаат конкретен одговор, ниту решение на проблемот по одлуката новоформираниот Национален џез-оркестар просторно да биде сместен во објектот на Филхармонија.

Членовите на оркестарот во континуитет изминатите денови и недели бараат надлежните да ја повлечат оваа одлука, бидејќи според нив е неодржливо двата оркестри да функционираат како два посебни правни субјекти во една зграда, а во петокот првпат протестираа и пред Владата, свирејќи на своите инструменти пред зградата на извршната власт.

Музичарите од оркестарот, кои предизвикаа гнев со одлуката да свират со жолти ленти на рацете, овој пат протестираа со жолти картони и со „Тешкото“ . Филхармоничарите ги оставија жолтите картони пред зградата на Министерството и најавија „црвени картони“ за министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска доколку, како што рекоа, наскоро не се најде решение за овој проблем.

Владимир Лазаревски, изрази незадоволството од  „манипулациите и лагите на Министерството за култура и Здружението на џез музичари, но и од опструкциите што во последниот период се прават врз Филхармонија.

-Изминатиов период, нашата институција продолжува да биде мета на дезинформации во јавноста, но и на опструкции од страна на Министерството за култура кое дури ја блокираше и сметката на Филхармонија, со што директно се прави дополнителен притисок врз вработените, но и врз работата на нашата институција. Не ни е одобрен финансов план на сопствената сметка, односно во превод, парите што ги имаме, не ни даваат да ги трошиме, истакна Лазаревски.